📽️ ПЕКОЛНИ 17 МИНУТИ, ВАКА ТЕЧЕШЕ МАСАКРОТ ВО ГРАЦ Артур пукал во главите на децата, мајка му доцна ја видела пораката

Истрели и вресоци одекнуваа низ училиштето, а учениците се барикадираа во училниците. Крвавиот пир на Артур започна за време на матурскиот испит, деца на возраст од 14 до 18 години беа убиени.

717

Првото училишно утро по продолжениот викенд. Никој не ни претпоставувал што следува. Веднаш потоа – страв и паника: дел од учениците се преправаат дека се мртви, други со солзи во очите им се јавуваат на своите родители додека очајнички трчаат за да се спасат: „Мамо, бегам, се обидувам да си го спасам животот“. За најмалку десет ученици и наставници, помошта пристигнува предоцна…

„Слики кои досега ги гледавме исклучиво од САД, сега ќе останат длабоко запечатени во колективната меморија на Австријците: исплашени деца кои бегаат низ училишниот двор, хеликоптери за итна медицинска помош кои се спуштаат еден по друг, припадници на полицијата вооружени и засолнети зад грмушки, родители во шок кои плачат на улица. Масакр во образовна институција“.

 






Вака пишува австрискиот „Кронен Цајтунг“, кој ја реконструираше хронологијата на ужасниот масакр во училиште во Грац во кој беа убиени најмалку десет лица. Единаесеттиот мртов е напаѓачот.

Вчера наутро околу 10 часот, полицијата доби неколку итни повици. Во средното училиште БОРГ на улицата Драјершиценгасе во округот Грац-Ленд, се слушнале истрели: „Дојдете брзо, некој пука насекаде!“.

Сведоштвата и видеата покажуваат паничени средношколци како се кријат под своите клупи, додека во позадина се слушаат истрели. Експлозивите одекнуваат низ белата, повеќекатница со 20 училници, додека наставата сè уште е во тек. Стотици луѓе се наоѓаат во училиштето во тој момент.

 

„Безбедни сме, но има пукање“

Наставничка се крие со своите ученици и му се јавува на сопругот: „Безбедни сме, но ситуацијата е драматична. Постојано се пука“.

Потресни пораки од девојчиња и момчиња се појавуваат на социјалните мрежи. Некои се преправаа дека се мртви, некои првично мислеа дека се петарди, а многумина им се јавија на своите родители, се збогуваа и им кажаа дека ги сакаат. Дури и ранетите деца посегнаа по мобилните телефони.

Убиецот е поранешен ученик на училиштето, 21-годишен Австриец

Артур А., 21-годишен Австриец од Калсдорф во близина на Грац, извршил масакр за 15 минути. Тоа било во училиштето што самиот го посетувал, но никогаш не го завршил. Во службата за вработување бил регистриран како невработен. Тој ден, без никакви пречки, влегува во две училници, од кои едната наводно била негова поранешна, и почнува да пука од пиштол и пушка, кои легално ги поседувал. Пука ладнокрвно одново и одново, таргетирајќи ги учениците и наставниците. Телата на ранетите и убиените паѓаат крвави, некои се застрелани во главата.

Во исто време, започнува најголемата полициска и спасувачка операција во историјата на Штаерска. Бројни полициски единици и специјални сили од единицата Кобра брзаат кон училиштето, полициски и спасувачки хеликоптери полетуваат, а Црвениот крст испраќа 65 возила. Кога првите полицајци со шлемови и панцири влегуваат во училиштето, напаѓачот се застрелува во главата во училишниот тоалет.

 

„Безбедноста е обновена по 17 минути“

Полицијата во соопштението наведува: „Безбедноста е обновена по 17 минути“. 21-годишникот претходно бил непознат на полицијата. Во неговиот стан е пронајдена самоубиствена порака. Тој тврди дека бил жртва на малтретирање и најверојатно сакал одмазда.

Спасувачите наишле на ужасна сцена. Ранетите со прострелни рани лежеле насекаде, а амбулантните возила ги транспортирале до градските болници. Во меѓувреме, болниците се подготвувале за таканаречениот „масовен прилив на повредени“. Лекарите со часови се обидувале да ги спасат животите на учениците и наставниците, но не можеле да им помогнат на многумина.

До вечерта беше потврдено: најлошиот училишен напад во австриската историја одзел најмалку единаесет животи. Покрај напаѓачот, загинале седум девојчиња и четири момчиња. Уште 12 лица биле повредени, од кои девет потешко.

 

Убиецот оставил самоубиствено писмо, но и видео-порака за неговата мајка

Хојте пишува дека покрај самоубиствената порака, убиецот оставил и видео за неговата мајка. Самоубиствената порака е пронајдена во куќата каде што живеел 21-годишникот, во предградието на Грац, но писмото не содржи јасен мотив за злосторството.

Медиумот пишува дека напаѓачот снимил и видео кое потоа ѝ го испратил на неговата мајка. Во него, тој го најавил злосторството и изјавил дека дејствувал „по своја слободна волја“. Таа ја видела пораката на својот син 24 минути подоцна и веднаш ја известила полицијата. Сепак, дотогаш тој веќе оставил крвава трага низ неговото поранешно средно училиште.

Истражителите потврдиле за Хојте дека на неговата домашна адреса е пронајдена и бомба. Сепак, таа наводно не била функционална.

Поврзани содржини