ПЕДИЈАТРИСКА МУЛТИПЛА СКЛЕРОЗА Дијагноза која по сообраќајките е најчеста причина за инвалидитет кај младите
Оваа болест предизвикува инвалидитет и е најчеста причина за инвалидитет кај младата популација, веднаш по сообраќајните несреќи. Најчесто ја зафаќа младата популација на возраст од околу 20 до 40 години, но сè почесто се препознава и во периодот на детството.
Мултипла склероза (МС) е хронична имуно-воспалителна болест на централниот нервен систем која се карактеризира со демиелинизација на аксоните и дегенерација. Болеста предизвикува инвалидитет и е најчеста причина за инвалидитет кај младата популација, веднаш по сообраќајните несреќи. Најчесто ја зафаќа младата популација на возраст од околу 20 до 40 години, но сè почесто се препознава и во периодот на детството. Околу 3-5 % од вкупниот број на дијагностицирани пациенти со МС, припаѓаат на педијатриската популација.
Епидемиологија на педијатриска МС:
Инциденцата на педијатриската МС се разликува помеѓу објавените студии, и значително варира од земја до земја. Најголемиот број студии содржат инциденца од околу 1 на 100.000 деца. Нешто поголема инциденца е пријавена кај детската популација во Сардинија, 2,85 на 100.000 деца. Преваленцата исто така се разликува, во Јапонија е многу ниска, т.е. од 0,69 на 100.000 деца, до 26 на 100.000 деца во Сардинија, Италија.
Клиничка манифестација на МС:
Клиничката слика понекогаш може да се разликува кај децата во однос на возрасните. Најчесто кај детската популација, помлада од 12 години, болеста може да започне истовремено на повеќе локации во централниот нервен систем, а со тоа и симптомите ќе бидат различни. Кај популацијата под 12 години, болеста понекогаш наликува на енцефалит и нема невролошки дефицит со фокални карактеристики како кај возрасните. На оваа возраст треба внимателно да се постави дијагноза затоа што болеста наликува повеќе на акутен дисеминиран енцефаломиелит (АДЕМ). Кај популацијата постара од 12 години, болеста започнува со фокален невролошки дефицит и наликува на мултипла склероза карактеристична за возрасната популација. Најчести симптоми се слабост на екстремитетите, појава на двојни слики, нестабилност, отежнато одење, нарушен вид. Болеста се карактеризира со релапси и најчесто детската популација има повеќе релапси во една година во однос на возрасната популација, а и времето помеѓу релапсите е скратено. Исто така, прогресијата на инвалидитетот може да биде побрза во однос на возрасната популација.
Повеќе за ова прочитајте на порталот „Мајка и дете“.