Пчеларите на 2 јули имаат последна шанса да се изборат против пашарината
Јавниот увид на Предлог-законот за пасишта заврши на 26 јуни, а јавната расправа по предлогот е закажана за 2 јули.
Пчеларите имаат уште една шанса да ги премислат Министерството за земјоделство и Јавното претпријатие за пасишта да го сменат членот 23 со кој се определува пашарина за пчеларите кои имаат закупено пасиште во државна сопственост за поставување на пчелни семејства. На 2 јули ќе се одржи јавната расправа по Предлог законот за пасишта кој е објавен на националниот регистер на прописи (ЕНЕР). Јавниот увид на Предлог-законот заврши на 26 јуни.
Со членот 23 се предвидува пчеларите кои користат пасиште за поставување на пчелни семејства да плаќаат колективна пашарина во износ од 0,3 отсто од просечната нето-плата исплатена за минатата година во земјата.
Покрај ова пчеларите кои закупиле пасиште во државна сопственост ќе треба да платат и одредена закупнина која е постигната за време на јавното наддавање за давање под закуп на пасиштето. Најмал период на земање под закуп на пасиштето е 5 години за пасишта кои не се регистрирани односно на кои не е извршена негова инвентаризација, на 10 години за напасување на ситен и крупен добиток или до 30 години, ако се користи за спортско-рекреативни активности и рурален туризам или производство производи од добитокот.
Членот 23 од Предлог-законот за пасишта предизвика бурни реакции кај пчеларите и јавноста. За нив е неразбирливо тоа што државата сака да наплаќа пашарина за пчелите наместо да дава дополнителни стимулации за развој на пчеларството кое е битно за опрашување на овошките.
– Пчелите се општо добро и наместо нас да нѐ стимулираат и да ни плаќаат за тоа што се занимаваме со пчеларство, наметнувањето ние да плаќаме пашарина е неприфатливо. Сепак, се надевам дека како потсекторска група во Министерството за земјоделство ќе се избориме да не се воведува таканаречената пашарина – изјави за Плусинфо неодамна претседателот на Сојузот на пчеларски здруженија Менде Трајковски.
Пчеларите велат дека вакви одредби нема во ниедна земја во Европската Унија, а во светот се плаќа надоместок за пчелите кои помагаат да се опрашат одредени култури.
Во САД на пчеларите им се плаќа во просек 220 долари по пчелно семејство за опрашување на познатите калифорниски бадеми. Потребни се околу две колонии на хектар за да се опрашат 1,2 милиони хектари бадеми. Тоа се околу 2,5 милиони пчелни колонии од целата земја. Во Кина како последица на драстично намалување на пчелните семејства (пчелари) во природата, фармерите се принудени рачно да вршат опрашување на своите земјоделски култури – фармерите и нивните деца треба да се искачуваат на гранките вооружени со четки за индивидуално опрашување на секој цвет.
Се проценува дека опрашувачите, вклучувајќи ги медоносните пчели, бумбари и дивите пчели, придонесуваат најмалку 22 милијарди евра секоја година во европската земјоделска индустрија, односно 150 милијарди евра на глобално ниво.
Во земјава има околу 6.000 пчелари со околу 230.000 пчелни семејства. Најголемиот број пчелари се занимаваат со пчеларство од хоби, а само 10 до 15 отсто се професионални.