ЈП Паркинзи на Општина Центар денес пушта во употреба две нови паркиралишта во склоп на Зелен пазар согласно постигнатиот договор на состанокот помеѓу ЈП ПОЦ, Општина Центар, Скопски пазар и пазарџиите од Зелен пазар со цел да се надминат проблемите на паркиралиштето „Аутомакедонија“.
ЈП Паркинзи на Општина Центар, го уреди дивиот паркинг позади Зелен пазар кој беше во хаотична состојба и нефункционален ниту за жителите ниту за корисниците на услугите на Скопски пазар и постави нов систем за контрола со влезно-излезни рампи. Од ова неуредено паркиралиште, ЈП ПОЦ направи две функционални паркиралишта, едното паркиралиште е наменето за товарните возила на пазарџиите, а другото за жителите на улицата 11 Октомври бр. 16, 18, 20, 22, 24, 26 и 28 и булеварот Кочо Рацин бр. 32 и 38. Со отворање на овие паркиралишта, паркиралиштето „Аутомакедонија“ целосно ќе се ослободи од товарните возила и ќе им овозможи на жителите брз и лесен пристап до нивните домови.
Во наредниот период, контролите на ова паркиралиште ќе бидат зачестени и сите нерегуларности ќе бидат санкционирани, најавуваат од ПОЦ.
– Определивме простор за товарните возила кој од денес веќе е во функција и доколку нашите контролори затекнат товарни возила надвор од затворениот простор, тие веднаш ќе бидат санкционирани. Правилата и редот ќе мора да ги почитуваме сите – изјави директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Васко Кичевски.