ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ САКА ШИРОКА, АМА ДА НЕ ИЗЛЕЗЕ ОД ТЕСНАТА КОАЛИЦИЈА Политичка криза му е мајката, но нема јунак да ја предизвика

Откако премиерот Димитар Ковачевски синоќа го одби предлогот за формирање широка владина коалиција, предлагачот Павле Трајанов не планира да потегнува сериозни чекори, туку само ќе ја „држи темата отворена“.

696

Ниту енергетската ниту економската криза, коишто сериозно ѝ се закануваат на земјава, не се доволно страшни за да ја натераат власта да го прифати предлогот на пратеникот Павле Трајанов од Демократски сојуз да се формира широка владина коалиција со цел државата полесно да се справи со предизвиците.

Единственото нешто што би ја принудило власта да ја прифати ваквата и не толку лоша идеја, коментираат политичките експерти со коишто разговараше Плусинфо, е над плеќите на сегашната владина коалиција да натежне сериозна политичка криза проследена со тенко и нестабилно парламентарно мнозинство.






Но, за да се случи сериозна политичка криза, објаснуваат познавачите, потребно е некој од коалициските партнери на премиерот Димитар Ковачевски да потегне нога и да го жртвува сопствениот комфор. А тој некој, очигледно, не е Павле Трајанов.

Јас ќе останам на истата позиција, ќе ја туркам идејата за широка коалиција, па нека помине време и можеби ќе се променат работите.

Павле Трајанов Демократски сојуз

Лидерот на Демократски сојуз во разговор за Плусинфо вели дека и понатаму ќе продолжи да ја одржува во живот идејата за формирање широка владина коалиција, но на прашањето дали можеби по добиениот негативен одговор од премиерот размислува да направи посериозен чекор кој би водел кон создавање политичка криза, Трајанов одговори дека во следниот период владиното мнозинство дополнително ќе расте наместо да се намалува.

– Идејата за формирање широка влада ќе ја држам отворена затоа што сметам дека предлогот е многу добар и дека такво нешто сега ѝ е потребно на земјава. Ако се вклучат сите партии и ја прифатат идејата, тоа значи дека ќе се вклучат сите креативни сили во државата, кои имаат знаење, умешност, конекции. Значи, сите ќе можат да работат на надминување на економската и на енергетската криза. На тој начин ќе обезбедиме одржлив развој на економијата, а со таквата широка коалиција ќе се зголеми и меѓусебната одговорност. Ако сме сите во владата, а тоа може да се направи многу лесно и многу брзо, тоа значи дека ќе имаме Влада со полн капацитет, посветена на разрешување на предизвиците со коишто се соочува државата. Јас се плашам дека ќе бидат загрозени нашите национални интересни, па клучно е сите политички партии да разберат дека се соочуваме со сериозни проблеми. Премиерот вчера го одби мојот предлог, ама има време, ќе направи консултации и можеби ќе се предомисли – објаснува Трајанов.

Тој вели дека сегашната Влада не може да падне поради намалување на бројот на пратениците, туку од тоа како ќе се справи со предизвиците.

– Опстојувањето на Владата нема да зависи дали парламентарното мнозинство го сочинуваат 61 или 63 пратеници. Борби се водат во ДУИ, во ЛДП, во Беса ама тоа се внатрепартиски борби и тие не влијаат врз парламентарното мнозинство. Во моментов се прават сериозни обиди Алијанса за Албанците да влезе во Владата, така што сметам дека бројот на пратеници ќе биде секогаш над 61 и постојано ќе се зголемува. Јас ќе останам на истата позиција, ќе ја туркам идејата за широка коалиција, па нека помине време и можеби ќе се променат работите. Не можам сега да предвидам што ќе се случува во иднина – изјави Трајанов.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, не ја прифаќаат идејата на Трајанов, бидејќи, како што вели пратеникот Бојан Стојаноски, единствено решение во моментов е да се распишат предвремени парламентарни избори.

– Предлогот на Павле Трајанов е неискрен и секогаш во вакви моменти тој нуди вакви предлози само за да биде актуелен во јавноста, а во суштина прави нешто сосема спротивно. Тоа може да се види во многу ситуации од минатото кога самиот Трајанов не се согласувал со ставовите на Владата, па сепак на крајот секогаш гласал и ги поддржал владините ставови. Тоа може да се види и со „францускиот предлог“ кога понуди некакви заклучоци кои во најголем дел беа исти со владините, ама со различни интерпункциски знаци. Конкретно за предлогот, јас лично сметам дека не е потребно да има широка владина коалиција затоа што на тој начин ние би ја споделиле одговорноста за сите оние лоши политики коишто во моментов се актуелни. Секоја политичка партија која составува коалиција за да направи влада има за цел да ги реши проблемите, а СДСМ во изминатите 5 години не прифати ниту еден наш предлог и секогаш ги дочекува нашите идеи со остри критики. Но, кога ќе згусне работата, тогаш преку балоните на власта ни праќаат пораки за широки коалиции. Единствениот начин и единственото решение во моментов е да се распишат предвремени парламентарни избори – објаснува Стојаноски.

Кога ќе згусне работата, тогаш преку балоните на власта ни праќаат пораки за широки коалиции. Единствениот начин и единственото решение во моментов е да се распишат предвремени парламентарни избори

Бојан Стојаноски Пратеник, ВМРО-ДПМНЕ

Според политикологот Димитар Христов, најдобро е да не се менува концептот кој предвидува формирање широка коалиција три месеци пред парламентарни избори.

– По искуствата со парламентарните избори во 2020 година и широката владина коалиција којашто беше формирана во периодот на пандемијата со коронавирусот, сфативме дека може да дојде до кочење на работата на целата Влада. Знаеме што се случуваше во тој период со техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев и со техничкиот премиер Оливер Спасовски. Искрено не би сакал повторно да имаме слична ситуација. Затоа сметам дека предлогот на Павле Трајанов нема да донесе никаков поволен резултат. Од друга страна, зошто воопшто одиме на избори доколку се насочуваат кон формирање широки влади? Единствено, широка коалиција може да биде прифатливо решение само ако после 3 месеци имаме избори, како и што во последниов период се случуваше со Пржинскиот договор. Сѐ друго е целосно неприфатливо – смета Христов.

Премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, вчера изјави дека нема потреба за формирање широка коалиција и експертска влада, бидејќи, како што рече, оваа Влада има политички легимитет и капацитет, и политички, и економски, од секој аспект да се справи со предизвиците.

Истиот став го искажа и пратеничката од ЛДП, Моника Зајкова.

– Не би се согласила со оваа констатација на Павле Трајанов, затоа што, според она што го гледам во Парламентот, мнозинството е стабилно, а можеме да видиме и дека Владата работи во полна пареа и ги менаџира предизвиците со кои се соочува. ЛДП е апсолутно против вакви широки коалиции – рече Зајкова.

НЕМА ПОТРЕБА ОД ШИРОКА КОАЛИЦИЈА Ковачевски не гледа простор и за експертска влада

Поврзани содржини