📷 ПАТОТ ДО МАТКА Е ПОПЛОЧЕН СО ДУПКИ Додека стасаат до прекрасниот кањон, на туристите ќе им излезат ѕрцките
Иако Општина Сарај има донесено одлука за комунален ред на нејзината територија, тоа очигледно не важи за населеното место Матка, која спаѓа под надлежност на оваа Општина.
Главната улица во популарната туристичка дестинација во близина на Скопје, Матка, е оштетена и полна со дупки. Асфалтот на улицата не е обновен со децении. Изгледа како одржувањето на оваа дестинација која привлекува сѐ повеќе туристи да не е во ничии раце, иако според законот се знае кој е надлежен за нејзино одржување.
Според сајтот на ЈП Улици и патишта, Општина Сарај е надлежна за одржување на улиците во Матка. Но, факт е дека Општината со години не презела ниту една акција за обновување на улицата, за изградба на тротоар или за поставување лежечки полицајци заради подобра сообраќајна безбедност.
– Целата улица е полна со дупки. Ваква е состојбата со години. Никој не се интересира да ја обнови, а секој ден доаѓаат десетина автобуси со странски туристи. Возат еден зад друг, од 9 наутро до 20 часот навечер. Се чудам со какви впечатоци си заминуваат од одовде – вели С.Т., жител на Матка.
Ниту тротоари, ниту контроли
Кога ќе тргнете од Сарај кон Матка, ќе видите дека во населбата Сарај се поставени неколку лежечки полицајци. Исто така и е и во соседното село Глумово, каде има лежечки полицајци на неколку места на улица не подолга од еден километар.
– По улицата во Матка се вози лудо, деца возат автомобили, деца возат квадрицикли без кациги, возат тротинети среде улица, девојчиња се возат издадени надвор од прозорците на автомобилите. Никој не ја следи состојбата и никој не одржува ред во сообраќајот. Поради брзото возење, и пешаците и возачите се во опасност. Нема тротоари. Кога ќе излеземе да прошетаме треба да отвориме 4 очи – додаваат жители на Матка.
Матка е сѐ популарна дестинација за туристи во последниве години. Доаѓаат од цел свет, а најмногу од Турција. Многумина странци изнајмуваат куќи преку Букинг, а има и такви кои овде го нашле својот дом.

Комунален ред кој не важи за Матка
Минатата недела пишувавме за негрижата околу хигиената на Матка. Таа кулминираше на 28 август, на празникот на селото, Голема Богородица. Купишта ѓубре беа расфрлани на улицата по која со возила и пеш минуваа гостите и туристите.
Дента по празникот, по пишувањето на Плусинфо, контејнерите беа испразнети од ѓубре, но ѓубрето кое беше околу нив, не беше собрано.
Жителите со право се револтирани поради, како што велат, селективниот однос на Општината.
– Никогаш контејнерите не се празнеле на дневна основа. Не ни знаеме во кој ден од неделата ги празнат. Во цела Долна Матка на улицата која не е подолга од еден километар има само 5 контејнери. На овој дел од селото се сконцентрирани поголемиот дел од куќите и викендичките. За разлика од состојбата во Долна Матка, во соседното село Глумово, комуналното претпријатие два пати неделно го собира сметот од пред куќите на жителите – велат револтираните жители на Матка.
Иако Општина Сарај има донесено одлука за комунален ред на нејзината територија, тоа очигледно не важи за населеното место Матка, која спаѓа под надлежност на оваа Општина.
Повикувајќи се на Законот за комунални дејности, во Одлуката за комунален ред на Општината донесен во 2024 година и објавен во документите на Општината, се вели:
„Отпадот од дворните места се собира во посебни вреќи за отпад и се оставаат пред влезовите на станбените, односно деловните објекти или до контејнерите за собирање на отпадот од домаќинствата. Отпадот настанат од делови на расипани апарати од домаќинствата, кујнски прибор, санитарни уреди и слично се собираат во соодветни садови, односно вреќи за отпад, кои се поставуваат на јавните површини и определени места.
Отпадот од домаќинствата треба да се собира само во типизирани садови (канти). Во кантите не смее да се става жар, врел пепел, течности, мртви животни и слично. Кантите за собирање на отпадот од домаќинствата ги набавуваат на свој трошок создавачите на отпадот.
Кантите за секое семејство, се ставаат на определените места и отпадот од нив се подига во деновите и времето што ќе го одреди јавното претпријатие за комунални дејности или друго правно или физичко лице кое е овластено за вршење на дејноста на собирање и транспортирање на отпадот.“
Но, во населеното место Матка не се поставени канти за отпад пред секоја куќа и ова комунално правило не важи.
Општината на 30 јуни годинава се пофали дека добила 40 контејнери од 120 литри и 6 контејнери од 1,1 тон од проектот GREEN TOUR.
„Тие ќе помогнат во подобрување на управувањето со отпадот и во одржувањето на чистотијата во нашата општина. Заедно за почиста животна средина и одржлив туризам!“, објави Општината на нејзиниот сајт.
Не се знае каде завршиле овие канти, но на Матка сигурно не.
Наместо да биде туристички бисер, поради децениската негрижа Матка и брегот на Треска, полека но сигурно се движат кон тоа да станат неконтролирана депонија. Доказ за тоа се и овие фотографии на кои се гледа како некој што си купил нова спална се ослободил од старата. А и некој што си купил дневна. Ако дојде некој изморен турист, може и ќе си прилегне покрај Треска.


КОНТЕЈНЕРИТЕ ИСПРАЗНЕТИ, ЃУБРЕТО ОСТАВЕНО Каква порака испраќа Општина Сарај до жителите на Матка?