ПАРТИСКА ВОЈНА НА ГРБОТ НА СКОПЈАНИ Левица, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ си поделија обвинувања за превозот

ЈСП е на раб на колапс, Град Скопје призна дека нафта има само за денеска, а граѓаните остануваат во целосна неизвесност. Партиите се препукуваат – ВМРО-ДПМНЕ со обвинувања кон СДСМ и Арсовска, Левица со критики за штетните договори, а СДСМ возвраќа дека токму ВМРО-ДПМНЕ е најголемиот виновник за хаосот.

523

Град Скопје објави дека резервите на нафта за ЈСП „Скопје“ се доволни само за денеска, додека за утрешниот ден не се знае дали автобусите ќе можат да излезат на улица. Од градските власти и од ЈСП засега молк, а граѓаните се во целосна неизвесност.

Во ваква ситуација, политичките партии продолжија со меѓусебни обвинувања за состојбата во јавниот превоз.






ВМРО-ДПМНЕ: „СДС и Арсовска се заедно против нас“

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека власта на СДСМ ја брани градоначалничката Данела Арсовска и дека заедно координирано го напаѓаат опозициското движење.

– СДС денес го достигна пикот, бранејќи ја Данела Арсовска, со што докажа дека заедно смислено и координирано го напаѓаат ВМРО-ДПМНЕ. Па зошто ние би оставале ѓубре пред куќите на луѓето, во време кога имаме убедлива предност пред локалните избори? – велат од партијата.

Оттаму додаваат дека скопјани четири години живеат во хаос и дека Арсовска и СДСМ ја носат одговорноста за „преполните контејнери, нечистите улици и јавниот превоз во колапс“.

Левица: „ЈСП се уништува со криминални договори“

Партијата Левица, пак, посочи на договорот меѓу ЈСП и „Пуцко Петрол“ како еден од клучните проблеми.

„ЈСП е вовлечен во должничко ропство преку штетниот договор со компанијата ‘Пуцко Петрол’. Уште од првиот ден на склучувањето, претпријатието плаќаше гориво по цена далеку над пазарната, што резултираше со загуби од околу половина милион евра месечно“, соопштија од Левица.

Оттаму додаваат дека во договорот биле вметнати и „скандалозни клаузули за камата врз камата“, поради што денес ЈСП се соочува со долгови од милиони евра и опасност од целосен колапс.

СДСМ: „ВМРО-ДПМНЕ е најголемиот виновник за хаосот во Скопје“

На обвинувањата реагираше и СДСМ преку соопштение, во кое порачаа дека токму ВМРО-ДПМНЕ носи најголема вина за катастрофалната состојба во главниот град.

– Четири години, ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство во Советот на Град Скопје и ги контролира управните и надзорните одбори на јавните претпријатија, меѓу кои и ЈСП. Наместо одлуки за граѓаните, тие водеа политички инает со Арсовска и ја турнаа престолнината во хаос – изјави Јовица Јанковиќ од СДСМ.

СДСМ обвини дека ВМРО-ДПМНЕ свесно го остава Скопје без чисти улици и јавен превоз, а договорите од времето кога локалната власт ја водел ДПМНЕ ја направиле ситуацијата уште полоша.

– Заклучокот е јасен – ВМРО-ДПМНЕ создаде хаос во Скопје. Граѓаните се жртви на нивната неспособност и кавгите со Данела Арсовска – додава Јанковиќ.

Поврзани содржини