ПАРТИИТЕ САМО ГО ПРЕФРЛААТ ЃУБРЕТО ВО ТУЃ ДВОР! Смрди на политика на сите страни
Да ја тргнеме политиката на страна затоа што таа нема да ги исчисти Скопје, нас фокус ни се граѓаните - рече градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски пред колегите градоначалници на седница на Советот за развој на Скопскиот плански регион.
Двете најголеми партии продолжија да си ја префрлаат одговорноста за тоа што во градот не се чисти отпадот поради протест на вработените во ЈП „Комунална хигиена“ и одбивање на депонијата „Дрисла“ да ги прими камионите со ѓубре, со образложение дека општините немаат склучено валидни договори.
За овие проблеми ВМРО-ДПМНЕ го вперува прстот кон СДСМ и кон градоначалничката Данела Арсовска.
„Не не изненадува што СДС мисли исто како Данела Арсовска. Тоа е лице и опачина на една иста паричка. Нивната соработка е успешна за нивните лични интереси, но исто толку пак штетна за интересите на скопјани. За засмејување и за групата тврдења „верувале или не“ е позицијата на Арсовска поддржана од СДС дека Христијан Мицкоски пред дваесетина години вработил 40 луѓе од чаирско семејство во Комунална хигиена и затоа е овој крах.
Крахот е поради неспособноста на Арсовска поддржана од СДС која и праќа полиција да се пресметува со вработените во Комунална хигиена единствено што може да направи е да си поднесе оставка“ – се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ одговори со соопштение во кое вели дека одговорноста за тоа што Скопје тоне во ѓубре е директно кај Христијан Мицкоски и градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ.
„Неколку дена Скопје се дави во ѓубре поради неспособноста на ДПМНЕ. Преполни контејнери, неисчистен смет, смрдеа…со еден збор целосен хаос. За скопјани има опасност од зарази поради неисчистеното ѓубре. Одговорност за тоа што Скопје тоне во ѓубре е директно кај Христијан Мицкоски и градоначалниците од ДПМНЕ. Мицкоски бараше гласови од граѓаните за ДПМНЕ и за Арсовска и заедно ветуваа модерно Скопје. Но скопјани добија загаден, нечист, нефункционален град кој не може со ѓубре да излезе на крај а не да се развива. Неспособноста и неработата на градоначалниците на ДПМНЕ во другите општини во Скопје се исто така дел од проблемот и директни соучесници. Оние што го создадоа проблемот не можат да го решат.
Шпицниот градоначалник Мицкоски даваше изјава синоќа затоа што знае дека е виновен.
Но ништо не е направено и ништо не е исчистено. Ниту градоначалниците на ДПМНЕ нешто сработеле, ниту чистеле. Неработа, неспособност и раце во медот, тоа се одликите на градоначалниците на ДПМНЕ и на Мицкоски.
Во меѓувреме заседава Советот за развој на Скопскиот плански регион, каде членуваат сите градоначалници на скопските општини.
– Да ја тргнеме политиката на страна затоа што таа нема да ги исчисти Скопје, нас фокус ни се граѓаните – рече градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски пред колегите градоначалници.
Тој потсети дека ЈП Дрисла – Скопје е регионална депонија за скопскиот плански регион и со одлука има обврска да го собира сметот од локалните самоуправи кои го носат на нејзина адреса.
– Прво прстот кога настана проблемот со сметот граѓаните го вперија во градоначалниците затоа што кога излегуваат од дома сакаат чиста средина. Овој проблем е заеднички и не треба да се политизира. Станува збор за граѓаните и нивното здравје и треба што поскоро да се најде решение, а тоа е што подобро да се изменаџира ситуацијата во градот и комуналното претпријатие. Нашиот предлог е додека тие преговори траат депонијата Дрисла да ги крене рампите за да ние можеме да функционираме како општини – рече градоначалникот Герасимовски.
Општините денеска сами се организираат и го креваат сметото, но не можат да ги испразнат полните камиони во депонијата Дрисла. Затоа и празнењето на контејнерите е запрено. Претставници на некои општини отишле во Дрисла да потпишат документи за да можат да се испраазнат камионите, но, како што вели Гераасимовски, сè уште чекаат.