Партиите можат да ги донираат буџетските пари за борбата против пандемијата, но дали ќе сакаат?
На прашањето дали СДСМ ќе донира дел од буџетските пари во борбата против пандемијата, пратеникот Костадин Костадинов вели дека самиот закон јасно утврдува за што може партиите да ги трошат средствата. Извори од ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврдат дека зад целата оваа работа стои власта, која има цел да пласира лажна слика во јавноста дека и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се исти партии кога станува збор за добивање пари од државата.
Без свиркање, без расправии и без поднесување илјадници амандмани со цел да се парализира Собранието, како што тоа обично се случува во македонскиот парламент кога опозицијата е незадоволна од она што власта сака да го истурка, пратениците викендов сложно кренаа рака и го изгласаа Законот за финансирање на политичките партии. Тоа значи дека 3.5 милиони евра, односно 0.10 отсто од буџетските пари, наскоро ќе им легнат на партиските сметки.
Всушност, законот претходно им дозволуваше на партиите да добиваат 0.15 отсто од буџетот, но во јуни годинава, поради пандемијата со коронавирусот, ова беше изменето и со уредба со сила на закон беше предвидено финансирање од само 0.4 отсто, односно 1.1 милиони евра наместо 5.2 милиони евра.
Исти, ама различни?
Извори од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во разговор за Плусинфо велат дека зад целата оваа работа стои власта, која има цел да пласира лажна слика во јавноста дека и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се исти партии кога станува збор за добивање пари од државата.
– Финансирањето на политичките партии беше драстично скратено во јуни годинава со цел да се помогне во борбата против пандемијата со коронавирусот, но повеќе од една година помина и ништо не се направи со тие пари. Не видовме никаков реален ефект ниту во економијата ниту кај народот. На крајот на краиштата, тоа се средства со кои треба да функционираат партиите. Ние како партија правиме многу повеќе кога станува збор за борбата против ковид-19, но не се фалиме со тоа. Главната работа е тоа што оваа тема е наметната токму од бункерите на власта, бидејќи сакаат изедначување. Сакаат да прикажат дека исти се и власта и опозицијата, но не сме исти – вели нашиот соговорник.
На прашањето дали СДСМ ќе донира дел од буџетските пари во борбата против пандемијата, портпаролот на партијата и пратеник Костадин Костадинов објаснува дека самиот закон јасно утврдува за што може партиите да ги трошат средствата, но како што посочи, СДСМ секогаш помагала и ќе помага во иднина.
– Средствата за партиите се намалени и за ова има политички консензус од сите политички партии освен од една. Поради пандемијата се намали износот за исплата на политичките партии за 2020 и 2021 година. Затоа беа и предложени измени на Законот за финансирање на политичките партии со кои се предвидува намалување на законски дефинираниот процент. И со последните измени сепак е предвидено намалување за 30 отсто на средствата во споредба со исплатените средства за 2019 година. Против намалувањето на средствата за партиите е само Левица која се противи на тоа повеќе пари да завршуваат кај граѓаните. Законот утврдува за што може политичките партии да ги трошат средствата. Факт е дека СДСМ е прва партија која се откажа од средствата и која побара да се намалат парите за партиите во интерес на повеќе пари за граѓаните. СДСМ е партија која донира средства во духот на солидарноста на оние на кои им е најнеопходна. СДСМ помага и ќе помага и понатаму – вели Костадинов за Плусинфо.
Донациите се дозволени
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, пак, појаснува дека точно е тоа дека Законот утврдува за што може политичките партии да ги трошат средствата, но како што вели, секоја политичка партија има право да ги врати парите или да ги префрли на сметката за борба против пандемијата.
– Апсолутно дека можат политичките партии да ги донираат средствата за борбата против пандемијата со коронавирусот. Тие можат да се откажат од парите и јавно и транспарентно да ги вратат во буџетот како донација. Или, пак, ако сакаат да ги донираат за борбата против пандемијата, тоа можат да го сторат директно на сметката – објаснува Пекевски.
Универзитетскиот професор Бранимир Јовановиќ смета дека со изгласувањето на Законот за финансирање на политичките партии на многумина политичари им паднале маските.
– Каде се Апасиев и Крмов да прават „филибастеринг“ за трите милиони евра народни пари за политичките партии? Нешто не им текнуваат „смешни“ амандмани кога треба и тие да лапнат стотици илјади евра. Ама добро, нека паднат маските. Нека видат сите убаво дека не им е гајле ниту за сиромашните, ниту за државата, туку само за еврата на нивните сметки – истакна Јовановиќ.
Од друга страна, пак, партијата Левица објави дека само нивните пратеници не кренале рака за изгласување на овој закон.
„Сакаме да ја известиме јавноста дека пратениците на Левица се единствените, кои, на вчерашната собраниска седница, не гласаа ‘ЗА‘ измена и дополнување на Законот за финансирање политички партии“, соопшти партијата на Димитар Апасиев.
Никаква дебата
Претседателката на невладината организација „Транспаренси интернејшнл“, Слаѓана Тасева, во изјава за Телма вели дека ваквите суми се превисоки и дека јавноста не била доволно информирана за експресното носење на Законот за финансирање на партиите.
– Очигледно е дека не е обезбедена доволна дебата во врска со тој закон, но можеби сакале да го донесат законот без да добиваат никакви коментари, а ние да го коментираме откако ќе го донесат. Партиите го најдоа начинот како да си обезбедат финансирање од Буџетот, без да водат грижа како се трошат тие пари. Сепак, тоа се многу големи пари што партиите ги добиваат врз основа на закон, а за кои плаќаат самите граѓани – вели Тасева.
Реакции пристигнаа од повеќе политички партии кои сметаат дека финансирањето на политичките субјекти во период на криза е непотребно.
„Им честитаме на членовите на македонскиот парламeнт кои одважно им се придружија на судиите од Уставниот суд и си доделија средства од Буџетот на Република Македонија. 30-30, кој ти ги дава! Над 20 партии се во законодавниот дом, но ниту една не се спротивстави, ваков политички консензус македонската политика не памети. Сигурно им се расипани принтерите и не можат да ‘спремаат‘ амандмани, или, пак, уживаат во тоа како ‘крцкаат паричињата‘. Подобро се протестира вака! Веројатно ќе крикнат од ‘Патриотскиот институт‘ додека ни бранат јазик, нација, историја, живот, смрт“, се вели во соопштението од ГДУ.
Инаку, предлагач на измените на Законот за финансирање на политичките партии е Министерството за правда, а документите до Собранието стасале со потпис и од премиерот Зоран Заев, но и од министерот Бојан Маричиќ и неговиот заменик Агим Нухиу.