ПАРНОТО ГРЕЕЊЕ МОРА ДА СЕ СПАСИ Професор Цицонков предупредува на несогледливи последици
Треба да се најде компромисно решение меѓу сите страни околу финансирањето поради моменталната висока цена на природниот гас, порачува пензионираниот професор д-р Цицонков.
Под итно да се преземат мерки за опстојување на топлификационите системи, во спротивно многу корисници ќе се откажат/исклучат од тие системи, порачува пензионираниот професор д-р Ристо Цицонков од Машинскиот факултет во Скопје.
– Ако го направат тоа, каков избор имаат во сегашнава постоечка ситуација? Тоа е греење со дрва и со електрична енергија. Првата опција е речиси неизводлива бидејќи најголемиот дел од становите немаат оџаци, а немаат ни услови за складирање на дрвата. Загадувањето со ПМ10 честички е уште еден неповолен факт. Вората опција, загревање со електрична енергија, може да се оствари на два начина: со електрични греалки (панелки или термоакомулациони печки) и со топлински пумпи (клима уреди). Ако корисниците на топлификациониот систем („парно“) ја одберат опцијата со електрични греалки (најевтина како инвестиција), ќе се направи огромна грешка. Електричната мрежа во зградите (и во дел од градската мрежа) не е димензионирана за толку големо оптоварување и можни се прегревања на електричните кабли (топење, дури и пожари) – објаснува тој.
Д-р Цицонков вели дека примената на клима уреди за греење е поприфатлива опција бидејќи тие трошат околу четири пати помалку електрична енергија, но се поскапи од греалките.
– Меѓутоа, ако бројот на корисници што би вградиле клима уреди за греење е многу голем, можно е постоечката електричната мрежа во зградите да не го издржи тоа оптоварување. Иако проблематиката со греење на просториите е комплексна за нашиве услови, како краток заклучок и воедно апел до надлежните органи и јавноста би бил: задржете го сегашниот топлификационен систем. Треба да се најде компромисно решение меѓу сите страни околу финансирањето поради моменталната висока цена на природниот гас – порачува професор д-р Цицонков во пензија.