Парламентарен кретенизам

Да, парламентарната демократија е (велат) најмалку лошиот модел на владеење во некакви историски рамки, но вистинското прашање е: имаме ли ние навистина парламентарна демократија или имаме – парламентарен кретенизам?

599

Како им се погоди пусти Ламбе, како им улета ко заборав за сите останати идиотштини, да си ја исперат чуварите совеста за премолчувањето на сето друго што се случува околу нас. Па сега, ајде, здушно ќе го черечиме Ламбета! Фактот дека највисокиот законодавен дом викан собрание (малите букви одговараат на образовно-моралното рамниште на таа институција!) односно народните претставници од владејачкото мнозинство, отворено и недвосмислено, одбиваат – и повторно: одбиваат! – дури и да расправаат за однесувањето (еве, не ги спомнувам пцовките) на претседателот на собранието (малите букви одговараат на образовно-моралното рамниште на таа институција!), очигледно не загрижува никого. Тоа е изгледа кај нас нормално. Ламбе – не е.

Но токму затоа тоа собрание (малите букви одговараат на образовно-моралното рамниште на таа институција!) кај мене „воскреснува“ историски асоцијации од времето на Ленин, иако баш и не сум некаков негов голем фан. Но, на Владимир Илич илити Ленин не можам/не сакам ни да му ја одземам историската улога во водството на најпрогресивната социјална и општествено-политичка револуција во светската историја. Згора, некои негови размисли за капитализмот и либерализмот и функционирањето на демократијата под нивна закрила, вклучувајќи ја и Руската Дума, заслужуваат внимание. Ако пак ги пресликате на денешните македонски состојби во таканаречениот Парламент… се поклопуваат безмалу идеално. Зашто, ако највисокиот законодавен дом едноставно не сака – и повторно: не сака! – да санкционира безобразно, вулгарно поведение на спомнатиот кон подредените службеници, а целата нормална јавност во земјата се згрозува од тој чин, тогаш посилна „парламентарна“ порака од таа – нема. Тоа дефинитивно е црешата, или јаготката, како сакате, врз шлагот на тортата наречена квазидемократска Северна Македонија. Од тој миг натаму секој може да ве пцуе и навредува со амнестирачки „томос“ од парламентарното мнозинство и тројцата „големи“ политички лидери. Сè што беше вградено во пирамидата на демократијата во оваа држава во последниве седумдесетина години, заробената и хибридната држава го урна последнава деценија, сите цивилизациски вредности (културни, образовни, професионални, морални, етички…) ги постави на глава или ги удави во Вардар, а зборовите еднаквост, право, правда… ги направи за потсмев. Притворот на Ламбе тоа нема да го поправи.






Затоа Ленин тие и такви форми на наводна парламентарна демократија, а особено онаа воведена во Руската Дума по Револуцијата во 1905 година, ги нарекува – парламентарен кретенизам. А впрочем, ако бараме сличности: нели „новото“ Собрание, она по „Шарената револуција“, требаше да биде различно, ново, суштински демократско… за разлика од Собранието на „заробената држава“? И да, оној „црн понеделник“ – или беше вторник, среда… петок, веќе не е ни важно – беше токму изблик на спомнуваниот парламентарен кретенизам. Но, новиве успешно ги пресликуваат и умешно ги надградуваат тие искуства. И, да не заборавиме уште една сличност: Лениновата партија во тој период се викаше Социјалдемократска работничка партија (РСДРП: Российская социал-демократическая рабочая партия)!

Но, да бидеме историски фер, терминот „парламентарен кретенизам“ Ленин всушност го позајмува од Маркс, кој прв го „сковал“ во неговиот 18 бример на Луј Бонапарта (1852), а по повод државниот удар на Наполеон во декември 1851 година. Маркс и Енгелс го сметале овој преврат за фатална заблуда за социјалистичкото движење односно дека тоа претставува само губење на време и зајакнување на реакционерните сили. (Е сега, оние кои сакаат да прават паралели со заблудите на „Шарената револуција“ и „зајакнувањето на реакционерните сили“ но на друга партија – патот им е отворен!). Во неговата книшка Маркс говори за тогашните парламенти како индиректни претставници на класите – повторно интересна актуелност, или некој мисли дека во денешна Македонија нема класи?! – коишто вештачки ги решаваат горливите прашања, дезориентирани и издвоени од вистинските социјални проблеми. За него тој „парламентарен кретенизам“ создава имагинарен свет без чувство за реалност, меморија и разбирање на вистинските општествени проблеми. Звучи познато, локално, нели? Симулакрум?! За Енгелс пак, тогашниот „парламентарен кретенизам“ – дали и сегашниот? – е „неизлечива зараза“, болест што смета дека „целиот свет, неговата историја и неговата иднина се управувани и детерминирани од мнозинството гласови токму на таа репрезентативна институција што ја има честа да ги има нив како нејзини членови“. Енгелс бил силно во право, дури и денес. Погледнете го само однесувањето на македонските членови/претставници во собранието (малите букви одговараат на образовно-моралното рамниште на таа институција!), нивната бахатост, глупост, аморалност, провинцијализам, необразованост но преплатеност, неукост но награденост со милионски суми за патни трошоци…

И сепак, да бидам појасен: јас немам ама баш ништо против т.н. парламентарна демократија. А немал ни Ленин многу против парламентот како институција, иако го сметал за историска застареност“. Особено ваквиот како македонскиот, при што не знаете кој кого застапува и зошто, кои се/какви се вистинските политички заднини на одделни парламентарни партии односно нивни водачи, кои се и какви се тие мерила и критериуми што така широкоградо ги наградуваат тие луѓе кои (барем најголемиот број од нив) едноставно го преспиваат четиригодишниот мандат доделен (наводно) од народот, зошто тие таму би се сметале за „глас на народот“ кога гласот на народот е поприсутен и појасно изразен на социјалните мрежи, чии интереси штити таа збирштина и кој им го дал правото така безобразно да ги кршат сите морални норми? Да, парламентарната демократија е (велат) најмалку лошиот модел на владеење во некакви историски рамки, но вистинското прашање е: имаме ли ние навистина парламентарна демократија или имаме – парламентарен кретенизам? И нели е тој тип на „демократија“ токму клучниот дел во оваа антипросветителската фаза во „Нашата земја“, континуирано спроведувана од двете најголеми македонски партии и ДУИ, добива дополнителна тежина?!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини