ПАРКИРАЊЕ СО ЕДЕН КЛИК, ПОМАЛКУ КРУЖЕЊЕ НИЗ ЦЕНТАР Новите технологии треба да го намалат хаосот со слободните места
Општина Центар најавува дигитална трансформација на паркирањето – граѓаните ќе можат онлајн да ги користат услугите, а со новите сензори возачите во реално време ќе добиваат информација каде има слободно паркинг-место.
Паркирањето во Општина Центар треба да стане побрзо и поедноставно со воведување нови дигитални услуги, мобилни апликации и паметни сензорски системи кои ќе им овозможат на возачите полесно да ги користат паркинг-услугите и да избегнат непотребно чекање пред шалтери.
Новите решенија се дел од планот за модернизација на услугите на Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“, со цел поголем број корисници да ги завршуваат процедурите електронски, без физичко присуство во просториите на претпријатието.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, посочи дека дигитализацијата е еден од главните инструменти за подобрување на системот за паркирање.
– Дигитализацијата е клучна алатка за подобрување на процесот на паркирање. Работиме на нови мобилни апликации преку кои корисниците ќе бидат целосно информирани и ќе можат брзо и лесно да ги користат услугите – изјави Герасимовски.
Преку новите апликации граѓаните ќе можат да добиваат известувања, да поднесуваат барања, да го следат статусот на услугите и полесно да комуницираат со ЈП „Паркинзи на Општина Центар“.
Дополнително, се планира воведување сензори кои во реално време ќе покажуваат дали одредено паркинг-место е слободно или исполнето. Со ова, возачите ќе можат побрзо да најдат место за паркирање, а истовремено ќе се намали и непотребното кружење низ улиците во потрага по слободен простор.
Поставувањето на сензорскиот систем ќе се одвива фазно, согласно техничките можности и потребите на најфреквентните локации. Првично, системот ќе се воведува во монтажните гаражи, затворените паркиралишта и местата каде што има најголем притисок врз паркинг-просторот.
Паралелно со дигиталните решенија, ќе се унапредуваат и контакт-центарот и теренската контрола, со цел побрза реакција на пријавите и подобра координација на службите.
Директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, Душко Коцевски, најави и дополнителен стимул за граѓаните кои ќе ги користат електронските услуги.
– Вложуваме во сензорски системи и ќе стимулираме поголемо користење на онлајн аплицирањето. Еднократниот надоместок за склучување договор, кој досега изнесуваше 350 денари, ќе биде бесплатен за сите што ќе аплицираат електронски. Очекуваме значително зголемување на бројот на онлајн корисници и намалување на гужвите на шалтерите – изјави Коцевски.
Со новиот систем, Општина Центар очекува паркирањето да стане поефикасно, а возачите да добијат подобра контрола и повеќе информации уште пред да пристигнат на саканата локација.