ПАРИТЕ НА ЛОВЦИТЕ ЗАВРШИЛЕ ВО НЕГОВ ЏЕБ Претседател на ловечко друштво осомничен дека присвоил над 1,3 милиони денари

Осомничениот, користејќи ја функцијата и овластувањата, во повеќе наврати подигнувал пари од сметката на друштвото и ги присвојувал за себе.

548

Претседател на ловечко друштво од Струмица е осомничен дека во период од две години присвоил над 1,3 милиони денари од сметката на здружението што го водел.

Станува збор за 41-годишниот Д.Р. од Струмица, против кого СВР Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство, поради сомнение за кривично дело „проневера во службата“.






Според полицијата, осомничениот, како претседател на ловечкото друштво и овластен потписник на неговата трансакциска сметка, во текот на 2024 и 2025 година во повеќе наврати подигнувал поголеми парични износи. Наместо средствата да бидат искористени за потребите на друштвото, тој ги присвојувал за лична корист.

„Подигнатите пари не биле поткрепени со никаква документација, оправдување или сметководствено покритие“, информираат од полицијата.

Со ваквото постапување, како што наведуваат од СВР Струмица, Д.Р. за себе прибавил противправна имотна корист во вкупен износ од 1.326.787 денари, со што директно е оштетено ловечкото друштво.

Случајот е пријавен до надлежното обвинителство, кое треба да одлучи за понатамошниот тек на постапката.

Поврзани содржини