ПАРИ ТЕЧАТ КОН ОПШТИНИТЕ, А ПРОЕКТИТЕ НИKАДЕ ГИ НЕМА Ревизорите предупредуваат дека може да ги изгубиме европските пари

Предмет на ревизија биле 76 инвестициони проекти во вкупна вредност од 33,2 милиони евра како  и  проекти за регионално управување со отпад во сите 8 плански региони, финансирани со заеми, грантови и буџетски средства во вкупен износ од 144 милиони евра.

520

Пари течат кон општините и планските региони за изградба на инфраструктурни проекти, но реализација оди бавно, а дел од проектите не се ни започнати. Некои од проектите кои се финансираат со европски пари не се реализираат според предвидените рокови, па е можно да се изгубат и парите добиени за нив.

Ова е дел од она што го утврдиле ревизорите при ревизијата на јавни инвестиции во рамномерен регионален развој за периодот 2021 -2023 година.






Предмет на ревизија биле 76 инвестициони проекти во вкупна вредност од 33,2 милиони евра како и проекти за регионално управување со отпад во сите 8 плански региони, финансирани со заеми, грантови и буџетски средства во вкупен износ од 144 милиони евра.

На Град Скопје, во периодот 2021–2023, му се доделени 720.000 денари (околу 12 милиони евра) преку Министерството за транспорт за инфраструктурни проекти, но средствата сè уште се на наменски сметки, а реализацијата не е започната.

Град Скопје во 2021 година добил 120.000 евра (околу 2 милиони евра) и за втората фаза од изградбата на клучка на вкрстување помеѓу булевар Никола Карев и булевар Словенија но договорот за јавна набавка е склучен по две години и четири месеци. Исто така Градот добил 600.000 денари (околу 10 милиони евра) за целосна изградба на Јужен коридор како булеварско решение, за целосна изградба на булевар АСНОМ и изградба на булевар Хасан Приштина, но не се склучени договори за јавна набавка за реализација на проектите.

Слична е состојбата и со проектите во Општина Струмица кои се финансирани преку Министерство за транспорт за изградба на социјална населба (прва и втора фаза). Општината добила 191.000 денари (3 милиони евра), а ја реализирала само првата фаза, додека средствата за втората (65.000 денари) се префрлени од наменска на сметка на основниот буџет на општината.

На Општина Чучер Сандево ѝ се доделени вкупно 84.895 денари (1,3 милиони евра) од Буџетот за изградба на пречистителна станица во населено место Кучевишка Бара, но реализацијата на проектот сè уште не е започната.

„Причините се недостаток на физибилити студија за економска и финансиска исплатливост и очекуваните ефекти од проектот, како и фактот што основниот проект, со проценета вредност од 223.472 денари, е изработен по спроведена набавка со симболична цена од само 0,01 денар, во исклучително краток рок од 14 дена, со предмер-пресметки кои не соодветствуваат на пазарните цени“, се наведува во ревизорскиот извештај.

Во 2023 година на Општина Прилеп преку МЖСПП за  проект за  доизградба на фабрика за рециклирање на отпад  доделени се средства во износ од 65.000 денари. Проектот е започнат да се гради во 2013 година, а по спроведена постапка за јавна набавка во 2024 година склучени се договори за доизградба.

Ревизорите утврдиле и големи застои во реализацијата на регионалните проектите за управување со отпад со кои се опфатени пет плански региони и 45 општини. Проектот е проценет на 95,7 милиони евра. Иако во рамки на ИПА I (2007–2013) беа изработени физибилити студии во вредност од 3,6 милиони евра, нивните резултати не беа применети при дизајнирање на проектот поради промена на технички решенија со спојување на два плански региони.

Проектот за регионално управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион, во вредност од 48,4 милиони евра, ги опфаќа сите 18 општини од двата региона, како и Општина Свети Николе од Вардарскиот регион. Процесот е започнат со подготовка на техничка документација во рамки на ИПА I (2007–2013), додека неговата реализација е планирана преку ИПА II (2014–2020).

„И покрај подготвителните активности, реализацијата на третата фаза за изградба на Регионална депонија и трансфер станици се одвива со значително доцнење, што доведува до фискален ризик од губење на доделените грант средства од ЕУ. Дополнително, како резултат на пролонгирањето на роковите и зголемените трошоци, буџетот на проектот е зголемен за 40%“, констатираат ревизорите.

Владата го прифатила зголемувањето на националното кофинансирање за покривање на дополнителните трошоци, имајќи ја предвид важноста на проектот за унапредување на управувањето со отпад и исполнување на обврските од Директивите за отпад.

„Со дополнителна анализа утврдивме дека поради откажување на дел од доделените ИПА средства во 2022 и 2023 година и зголемување на цената на проектот, изградбата на регионална  депонија и трансфер станици ќе се  финансира во износ од 65% национални и 35% ЕУ средства, што значително отстапува од првично предвидената конструкција од 85% ЕУ и 15% национално учество. Доколку не се обезбеди навремено завршување на третата фаза до 2026 година, постои ризик од целосно губење на доделените средствата од ЕУ“, наведуваат ревизорите.

Ревизорите утврдиле и дека не се почитува законската обврска за рамномерен развој да се издвојуваат 1% од БДП, но и дека Системот за координација во планирањето, спроведувањето, мониторингот и евалуацијата на политиката за рамномерен регионален развој (СиРеРа) не е интегриран со трезорскиот систем што доведува до неусогласеност на информациите за алоцирани средства за рамномерен регионален развој.

„За 2023 година според податоците добиени од Министерство за финансии распределените средства за регионален развој изнесуваат 2,91% од БДП, додека според СиРеРа системот изнесуваат 0,74% од БДП. Од овие средства само 5% до 10% се алоцирани преку Програмата за рамномерен регионален развој, а остатокот се распределени преку програми на други министерства за кои поради отсуство на подзаконски акт предвиден во законот не може да се утврди ефектот врз регионалниот развој“ наведуваат ревизорите.

Како средства наменети за рамномерен регионален развој, не се земени предвид јавните инвестиции на Јавното претпријатие за државни патишта за изградба на регионални патишта, експресни и автопати со регионално значење. Овие капитални проекти директно се поврзани со приоритетот 1.3 од Стратегијата за рамномерен регионален развој и претставуваат значаен финансиски ангажман. Во 2023 година, овие инвестиции изнесувале 23.901.217 денари, односно околу 388 милиони евра.

Поврзани содржини