ПАРИ ЛИ СЕ 50 ДЕНАРИ? Владиката Петар смета дека поскапувањето на црковните услуги е за да им се помогне на поповите
Ако има венчавка во храмот, тогаш мора да бидат вклучени сите полиелеи. А знаете колку е скапа струјата? А како да ги платиме сметките ако верниците не ги плаќаат црковните услуги? Црквата живее од верниците, а не од нешто друго, изјави за Плусинфо митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар.
Во сите епархии на Македонската православна црква (МПЦ-ОА) направено е минимално поскапување на црковните услуги, но медиумската пропаганда беше најсилна во прилепскиот и во битолскиот крај затоа што некои други владици кои редовно црпат пари од прилепските и од битолските верници сакаа да извршат контра-удар. Цените на црковните услуги се покачени за 50 денари. А 50 денари пари ли се?
Ова во разговор за Плусинфо го истакна митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар, откако дел од медиумите го објавија новиот таксеник на Преспанско-пелагониската епархија, според кој најскапи се венчавките и погребите.
– Секаде има поскапување, ама не станува збор за некакво огромно поскапување. Дали поскапувањето од 50 денари може воопшто да се смета за поскапување? По колку пари за џепарлак им даваат родителите на своите деца на дневна основа? Сигурно не им даваат само 50 денари, оти со 50 денари не можат ништо да купат. Се наоѓаме среде економска криза, а свештениците мора да живеат од нешто. Свештениците немаат плата, ама и покрај тоа што немаат плата, тие дел од својот месечен хонорар го даваат за семејствата коишто имаат трето дете. Исто така, голем дел од свештениците бесплатно ги извршуваат требите на сиромашните верници. Но, никој не сака јавно да го каже тоа, оти тогаш наградата нема да им ја прими Господ. Да не знае левата што прави десната рака. И што треба сега ние да правиме? Да му се исповедаме на секој заскитан верник или на неверник, и да му објаснуваме зошто има поскапување на требите? Прво, ние во црквите плаќаме индустриска струја. Ако има венчавка во храмот, тогаш мора да бидат вклучени сите полиелеи. А знаете колку е скапа струјата? А како да ги платиме сметките ако верниците не ги плаќаат црковните услуги? Црквата живее од верниците, а не од нешто друго. Знаете колкави загуби бележиме само поради пандемијата со коронавирусот? Цели две години човек не стапна во црквите – објаснува владиката Петар.
Тој вели дека е грев да се напаѓаат свештениците поради новите цени на црковните услуги.
– Ќе ви кажам еден пример. Жителите на прилепското село Мариово го покануваат свештеникот од Прилеп да дојде во нивната црква и да изврши најмала треба. Селото е одалечено околу 50 километри од градот, но свештеникот е должен да појде и да ја заврши работата. Значи, свештеникот треба да го запали автомобилот и да вози 50 километри до Мариово и уште 50 километри од Мариово до Прилеп. Свештеникот ќе наплати 500 денари за услугата што ќе ја направи во селото, а со покачената цена на горивото тој ќе потроши 1.000 денари само за гориво. И што треба да правиме? Свештеникот е должен да ја изврши услугата без разлика на тоа што ќе претрпи финансиски загуби. Ако некој човек почине и во најдалечното село, тогаш свештеникот мора да појде да го погреба. Ние дури на некои свештеници им даваме и помош од касата на епархијата оти не можат да врзат крај со крај. А и тие свештеници имаат семејства, имаат деца, сопруга и потребни им се пари за да преживеат. Од друга страна, знаете колку изнесува пензијата на еден свештеник? Пензијата изнесува 11.000 денари. Дали тоа се пари? Не е исто да си свештеник во град и да си свештеник во село. Никогаш не може да биде исто. Но, некои, очигледно, сакаат да стават сѐ во иста вреќа – објаснува г. Петар.
Според најновиот ценовник на МПЦ-ОА, венчавка црквата наплаќа 7.700 денари, а погреб чини од 3.000 до 5.000 денари, во зависност дали е со еден или со тројца свештеници. Крштевката е 3.800 денари, а цените на другите црковни треби како парастоси, задушница, водосвет се од 200 до 2.000 денари, објави Телма.
Новиот таксеник во црквите е со важност од февруари годинава, а цените се покачени од 50 до 500 денари во зависност од услугата.