ПАНИКА ВО КАВАДАРЦИ Дојави за бомби во неколку училишта, наставата е прекината
Трендот со дојави за бомби во основните и во средните училишта трае веќе еден месец, а полицијата, како што признава и самиот министер Оливер Спасовски, не е ни блиску до откривање на сторителите.
Закани за бомби се добиени утрово во пет училишта во Кавадарци, информацијата ја потврди за МИА Ристе Самарџиев, портпарол на СВР Велес.
– Денеска околу 7 часот во Полициска станица Кавадарци било пријавено дека на електронска адреса на пет училишта, две средни и три основни во Кавадарци е упатена закана за поставена експлозивна нaправа. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот – информира Самарџиев.
Трендот со дојави за бомби во основните и во средните училишта трае веќе еден месец, а полицијата, како што признава и самиот министер Оливер Спасовски, не е ни блиску до откривање на сторителите.
Полицијата имала проблеми, рече тој, бидјеќи дојавите за бомби во средните и во основните училишта доаѓале од странски Ај-Пи адреси, па поради тоа не можеле лесно да откријат кој е виновен.
Поради тие проблеми, полициските службеници не можеле лесно да ги добијат податоците, морале да комуницираат со странските полициски служби, а тие, пак, не давале лесно информации, вели Оливер Спасовски.
– Најчесто доаѓаат преку заштитени адреси од странство и од кој не се доаѓа лесно до факти, до податоци до информации. И притоа ако не ги обезбедите конкретните податоци и информации, нема да може да постапува ниту Обвинителство и да го пренесе на Судот. Станува збор за ВПН конекции и за тоа ќе треба меѓу меѓународна правна помош да се добијат тие информации и податоци – изјави Спасовски.
Јанчев: Евакуирана е и детска градинка
Денеска по пријава за поставена бомба во неколку основни и средни училишта, евакуирани се учениците од: О.О.У ,,Тоде Хаџи Тефов’’ Кавадарци, и подрачно училиште во село Бегниште, „Димката Ангелов Габерот’’ Кавадарци и подрачното училиште во село Сопот, „Страшо Пинџур’’ Кавадарци, и подрачните училишта во селата Марена, Возарци и Дреново, С.О.У Гимназија „Добри Даскалов’’ Кавадарци и С.О.У „Ќиро Спанџов Брко’’, напиша на Фејсбук градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев.
Освен училиштата, додава тој, во село Марена евакуирана е и градинката, заради непосредната близина на подрачното училиште.
„Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот. Се замолуваат родителите дека нема потреба од паника, а учениците ќе бидат вратени на настава, откако екипите ќе ги прегледаат објектите и кога ќе се утврди дека истите се безбедни“, пишува Јанчев.