Пандемијата ги лула бизнисите, ретки се тие што ќе преживеат ако потрае

Најкритично, според очекувањата на бизнисмените, но и со оглед на лошата состојба во европските земји со кои се одвива најголемата соработка, ќе биде во текстилната индустрија и кај малите фирми кои продолжувањето на ваквата состојба ќе ги исцрпи.

748

Бизнисмените не веруваат дека некакво подобрување на состојбите и заживување на економската активност ќе има во следните месеци не само во земјава, туку и во економиите со кои најмногу соработуваат. Според нив, вакцинирањето на населението оди бавно, земјите се затвораат, а потрошувачката стагнира. Како ќе се однесуваат компаниите во различните сектори ќе зависи од она што ќе се случува не само со пандемијата, туку и со можноста за набавка на суровини и пласман на производот кај странските партнери. Во дел од нив се најавуваат драстични отпуштања на работниците, а дел веќе размислуваат за затворање, бидејќи должината на пандемијата ги исцрпи нивните резерви.

Најкритично, според очекувањата на бизнисмените, но и со оглед на лошата состојба во европските земји со кои се одвива најголемата соработка ќе биде во текстилната индустрија и кај малите фирми кои продолжувањето на ваквата состојба ќе ги исцрпи. Дел од бизнисмените сметаат дека државата ќе треба и во наредниот период да размислува за помош.






Конфекциите кои главно работат со партнери од Германија, Британија и Италија велат дека ако овие земји продолжат да се затвораат, со оглед дека и кај дел од нив вакцинирањето оди бавно, тешко дека ќе можат да издржат без помош од државата.

– 60 отсто од конфекциското производство во земјава работи со деловни партнери од Германија и сѐ што се случува таму директно е поврзано со работењето. Сѐ зависи од тоа кога Германците ќе ги отворат трговските објекти во големите градови и кога потрошувачката ќе почне да расте. Сега нашите деловни партнери немаат каде да ги пласираат производите, ги полнат магацините, а за нарачки и не размислуваат. Некои наши фабрики немаат воопшто нарачки, некои работат со половина капацитет, некои со 30 отсто – вели Ангел Димитров сопственик на „Мода Свети Николе“ и претседател на Здружението на текстилна индустрија во Стопанската комора.

Според него, може да се очекува некаде од јуни да се подобри сликата во текстолот.

– Очекувањата се дека до јуни Германија ќе почне постепено да се отвора, додека во земјава многу е важно да поминат мерките на владата во Собранието за да можеме да преживееме до тогаш. Ако не се случи ова драстично ќе се зголеми бројот на отпуштени работници во текстилниот сектор. Бројката може да достигне и до 8.000 работници на годишно ниво. Досега годишната флуктуација на работници во секторот беше околу 3.000, но далеку сме од тоа – вели Димитров.

Уште позагрижувачки, според него, е што сопствениците на текстилните компании веќе размислуваат да ги затворат капацитетите и да го преселат капиталот во друга дејност, дел од нив загубиле сѐ, а оние што останаа ги чекаат владините мерки за да преживеат.

– Ако не стигне помошта навреме ќе биде тешко да се преживее и отпуштањата се неминовни. Но пратениците си ги тераат своите политички агенди и никој не размислува за економијата и како таа ќе опстане. Забораваат дека ако нема економија нема да има и пари за државата – додава тој.

Автомобилската индустрија како една од водечките извозни гранки годинава може да се надева на подобри резултати од ланската, која како што вели претседателот на Здружението на оваа индустрија во Стопанската комора Виктор Мизо, не е ни за споредба. Сепак, во оваа индустрија нема да има затворање на фабрики или отпуштање на работници.

– Да постигнеме 20 отсто зголемен извоз, колкаво што беше намалувањето лани, ќе бидеме на коњ, но не верувам дека ќе се случи толкав раст. Иако тешко може да се предвидува во сегашни услови, сепак очекувам до крајот на третиот квартал извозот да стагнира. Од август може да се очекува подобрување на состојбата во Европа и тоа да се одрази на домашниот извоз – вели Мизо.

Тој додава дека во овој сектор може да се случи намалување на обемот на работа, но нема да има проблем со работењето, односно да има затворање на компании бидејќи компаниите лесно наоѓаат нови пазари.

– Засега во оваа индустрија не се размислува за намалување на бројот на работници. Во месеците како овие што изминаа – јануари и февруари, кога има намален обем на работа компаниите го користат за оптимализација на процесите и дообука на работниците, но нема да отпуштаат. Само ако ваквата состојба за нив продолжи и во наредните месеци, тогаш може да се случи да биде забавена динамиката на плановите за новите вработувања – вели Мизо.

Но, вели тој, на глобално ниво во автомобилската индустрија покрај пандемијата проблем е обезбедувањето на репроматеријали како микропроцесори или пена за седиштата, што може да влијае на намалување на производството на автомобили, бидејќи поради тоа нема да може да се склопи автомобилот.

Миле Бошков од конфедерацијата на работодавачи вели дека состојбата драстично се влошува и не може да се претпостави колку бизнисите, главно малите и микро ќе успеат да издржат ако продолжи негативното влијание на пандемијата.

– Она што се најавува дека ќе има некаков развој тешко дека ќе се оствари. За мене ќе биде задоволувачко да се обезбеди нормална одржливост на компаниите. Затоа државата ќе мора да продолжи со помош на стопанството за да се одржи во живот и тоа, и да ги задржи работниците – вели тој.

Владата очекува годинава економијата да задравува и најави дека дел од мерките за помош на компаниите може да завршат до мај. Но и покрај најавените мерки за помош на компаниите за плати, законите сѐ уште се во Собранието.

Поврзани содржини