ПАЛЕВСКИ ГО ОБВИНИ ОЛИВЕР СПАСОВСКИ ДЕКА ГО ОРГАНИЗИРАЛ ЦЕЛИОТ ПРОЦЕС ПРОТИВ НЕГО Палчо тврди дека Обвинителството не го утврдило времето на смртта на Панче

Палевски рече дека постои можност Панче да бил убиен на 24 ноември кога сообвинетите се вратиле во Рудник за да го затрупаат, како што сведочеше Велибор Манев.

5,623

Првообвинетиот Љупчо Палевски го обвини поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски дека е организатор на целиот процес против него. Палевски го обвини и Јавното обвинителство дека не се потрудило да го утврди времето на смртта на Жежовски со цел да манипулира со времето на настаните.

Палевски денеска одговараше на прашања од неговиот бранител Јовица Страшевски. Рече дека бил уапсен во Турција на 5 декември 2023 година, а на 15 мај 2024 бил донесен околу 21 часот во КПУ Затвор Скопје. Немал забелешки за однесувањето на полицајците.






– Мене ми е жал за тоа што го преживеале останатите обвинети, односот кон мене беше коректен. Но, не се коректни судот и Јавното обвинителство – рече тој и додаде дека му биле прекршени човековите права поради тоа што кога бил донесен во Скопје не му бил врачен никаков документ, а решението за притвор од 4.12.2023 било донесено со погрешен матичен број и погрешно место на живеење.

– Дури после 6 дена, без никакво врачување на решение за притвор, на 21 мај, во крајно понижувачка процедура, со рацете врзани позади, главата наведната кон земја, на главниот влез на овој суд со над 50 камери бев донесен во попладневните часови, некаде околу 19 часот, за да ми се врачи решение за притвор, во присуство на јавната обвинителка Жаклина Крстевска Јосифовска. Не само што бев киднапиран 6 дена, не ме удостоија ниту да ме известат зошто сум притворен – рече Палевски.

Тој обвини дека во обвиненијата на другите четворица обвинети биле ставени предмети со траги од негова ДНК.

– На тој начин бев спречен да знам какви докази се против мене, затоа што судот со решение ги спои двете обвиненија на 04.09.2024. Дури после тоа можев да направам увид во доказите против мене, кога веќе беше започната главната расправа – рече Палевски.

Увид во исказите на другите сообвинети имал неговиот адвокат Марјан Витанов, кој му ги испратил на Палевски.

Палевски тврди дека во неговиот телефон имало 12 пораки и 2 телефонски разговори со кои се докажува дека Ерол Османи лажел пред судот.

Палевски, ве молам одговорете конкретно, како исказите од обвинетите дојдоа до вас. И самите обвинителки изјавија дека е чудно како вие ги поседувате тие искази – рече Страшевски.

– Тие дојдоа до мене на дополнителното рочиште каде давав дополнителен исказ. Јавната обвинителка ми дозволи да видам дел од списите, и согласно законот ми дозволи да правам прибелешки. Пред обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска ги правев тие забелешки, читав изјави од сведоци и запишував што ми е важно. Ниту еднаш јавната обвинителка не ме опомена дека не треба тоа да го правам – одговори Палевски.

Дали бевте малтретиран, тепан во притворот? – праша Страшевски.

– Не. Ниту сум тепан, ниту малтретиран. После 27 декември 2024, кога ги издиктирав сериските броеви на оружјата во судот при барање за изземање на јавните обвинители, направени се 6 темелни претреси во мојата келија. Полицајци со капуљачи бараа телефон во мојата келија. Во шесте претреси не постои телефон во мојата келија – рече Палевски.

Адвокатот побара од Палевски да раскаже за настанот во Демир Капија кога му бил одземен пиштол.

– Тоа е настан кој е многу важен за оваа кривична постапка, бидејќи таму се документирани моторолите од инспектор од Неготино. Тоа е настан на кој ми е одземен пиштолот „валтер“, со дозвола, тоа е 6 месеци пред убиствата на Панче и Вања. Целата организација на тој настан е од Велибор Манев, кој инсистираше јас и Влатко Кешишев да бидеме присутни, додека тој и Боре Видевски проверуваат пештера во непосредна близина на Вардар, во клисурата Демир Капија. Тогаш за прв и последен пат видов моторола која од автомобилот ја извади Велибор Манев. Една ни даде на мене и на Влатко, кои останавме надвор, а другата ја понесоа со себе. Тоа што е многу важно, е што времето на тргање од Демир Капија кон Велес е идентично со времето на видеото кое ОЈО незаконски го приложи како доказ во судот. Времето на задржување во Демир Капија и времето за потпишување на записникот за одземање на оружјето, идентично одговара кога во 7.10 се гледаме на видеото на ОЈО, кога и пристигнавме во Неготино, во Велес. Со овој настан се утврдуваат три важни околности – време, мотороли, пиштол. До Демир Капија не отидовме со мое возило, туку Велибор нѐ однесе со неговото – рече Палевски.

Дали освен одземениот пиштол од МВР поседувавте и друго оружје со дозвола? – праша Страшевски.

– Сум поседувал, но многу претходно. Тоа оружје е продадено и во известување од одделот за оружје при МВР до ОЈО е евидентирано кое оружје кога и кому сум го продал – рече Палевски и додаде дека никогаш не поседувал нелегално оружје.

Кои партиски активности ги имавте од 20 ноември до критичните настани? – праша адвокатот.

– Оливер Спасовски, кој е организатор на сето ова против мене, доби кривична пријава заедно со Зоран Заев за намерата да го продадат Чебрен Галиште во форма на концесија на грчка фирма. Таа кривична пријава е поднесена на 24.11.2023 година, помеѓу убиствата на Панче и Вања. Ја поднесе Ѓорѓи Ѓолев, претседател на Централен комитет на Десна – рече Палевски.

Каде бевте и што правевте на 22 ноември 2023? –  праша адвокатот.

– На 22 е карактеристично тоа што додека бев со кучето Хера во дворот, разговарав со наш член на самата ограда, затоа што се плашеше од кучето. На 22 ноември не постои состанок со Манев и со Видевски, од едноставна причина што, во посоченото време, дека околу 12 стигнале од месноста Рудник во штабот, јас разговарам со Миле, секретарот на партијата – рече Палевски и наброја со кого имал разговори по телефон.

Тој тврди дека не ги однел сообвинетите после полноќ на местото на настан Дупки.

– Моментот на смрт на Панче Жежовски до денес не е утврден. Докажано е и евидентирано дека двете возила поминуваат покрај хотелот „Романтик“ и заминуваат по регионалниот пат кон Скопје. Како пресметале кога е убиен Панче? Досега не понудија докази. Според времињата, она што е сигурно е дека Кешишев во 10.30 часот поминал покрај хотелот „Романтик“ кај езерото Младост. Како успеале, според тврдењето на ОЈО, да го убијат Панче и да се возат во шок и бессознание до Маџари, да се паркираат, да се претоварат во „кангуто“ и да стигнат до 11.47 часот да разговараат на телефон? Тоа е невозможно физички. Затоа, чудно, на 24 ноември се враќаат во Рудник, според исказ на Манев, дека отишле да го затрупуваат. Дали е тоа напад на совест, не знам, па по вторпат се враќаат на местото на злосторството, но постои можност и тогаш да е убиен Панче. Јавното обвинителство не се потрудило да утврди време на смрт на Жежовски, од едноставна причина, за да можат да шетаат низ времето – рече Палевски.

Тој наведе дека во кривичната пријава Панче е убиен во 21.30, а во обвинението во 9.30 часот.

– Според камерите на хотел „Романтик“, „цитроенот“ во 10.30 сѐ уште е во Велес. Таму е ископана дупка со пречник метар и 60, длабока три метри, што е 5 кубика земја или две тракторски приколки. При таква ископана земуница, како што ја вика Велибор, која не е затрпана до горе после убиството на Панче, туку само еден метар, на 27 декември повторно копале дупка на местото Дупки – рече Палевски.

Поврзани содржини