„Пакомак“ ги постави првите повратни вендинг машини за амбалажен отпад во Скопје
Повратните вендинг машини беа развиени од страна на Пакомак, во соработка со ФЕИТ и Фондот за иновации.
Во „Веро Центар“ денеска беше промовирана првата од трите повратни вендинг машини за амбалажен отпад на „Пакомак“ кои ќе работат со специјален систем и ќе доделуваат „зелени поени“ на секој кој ќе го одложи својот отпад во нив. Преостанатите две машини се поставени на различни локации, исто така во маркети од синџирот Веро.
Повратните вендинг машини беа развиени од страна на „Пакомак“, во соработка со ФЕИТ и Фондот за иновации. Како македонски производ направен според потребите на локалното население, повратните вендинг машини на „Пакомак“ имаат пониска цена на производство и на одржување.
– Ууникатноста на машините на „Пакомак“ е во системот за повратни поени кои ги добива секој кој го одложува отпадот во нив, кои ние ги нарековме „зелени поени“. Во зависност од тоа колкава количина на отпад ќе одложите, толку поени ќе добиете, а потоа ќе може да ги искористите за плаќање сметки, јавни услуги или за шопинг. На граѓаните преку зелените поени им се враќа реална вредност на материјалот кој го селектираат, колку што би добиле секаде во светот. Ова не е класичен депозитен систем како во некои земји, каде граѓаните ги добиваат назад своите пари кои ги дале кога го купиле производот. Преку овој систем, стотина илјади евра би се вратиле на оние граѓани кои имаат совесен пристап кон селекција на отпадот – изјави Филип Ивановски, генерален директор на Пакомак.