ПАДОТ НА „СИРИСКИОТ ЅИД“ И РАСЕАНИТЕ СОЈУЗНИЦИ Зошто режимот на Асад се сруши толку бргу и што понатаму?
Со текот на годините, Асад многу се потпираше на воена, политичка и на дипломатска поддршка од клучните сојузници Русија и Иран, без кои неговиот режим речиси сигурно ќе пропаднеше многу порано во војната. Со нивна помош, режимот ја поврати територијата, изгубена по избувнувањето на конфликтот во 2011 година, а руската интервенција со воздушни сили, во 2015 година, го промени текот на војната во корист на Асад.
Повеќе од 50 години владеење на семејството Асад во Сирија доживеа вртоглав пад, со неверојатна брзина, откако бунтовниците избија од енклавата под нивна контрола, на северот на земјата, заземајќи го Алепо и низа други градови за неколку дена, пред да се приближат кон Дамаск.
Опозициските сили влегоа во главниот град без речиси никаков отпор во неделата, додека сириската армија се стопи и претседателот Башар ал Асад, кој владееше со Сирија 24 години, избега од земјата. Ова е неверојатен развој во разорниот 14-годишен конфликт во Сирија, кој започна со бруталното задушување на антивладините протести од страна на Асад, во 2011 година, во екот на Арапската пролет.
Брзината на победата на бунтовниците го истакна успехот на исламистичкиот водач Абу Мухамед ал-Голани во поткрепувањето на бунтот што изгледаше како да е заглавен во неговиот последен бастион, во северозападна Сирија.
- 📽️ КОЈ Е НОВИОТ ЛИДЕР НА СИРИЈА? Главата му „тежи“ 10 милиони долари, неговиот прекар крие симболика
Сето тоа ги разоткри слабоста на режимот на Асад и неговата зависност од Иран и од Русија – која не ја доби во клучниот момент.
Армијата на Асад е слаба и истоштена
Армијата на Асад е премногу ослабена по војната во која загинаа повеќе од половина милион луѓе, која расели половина од предвоеното население на Сирија од 23 милиони жители и која ги уништи економијата и инфраструктурата на земјата.
Во раните години на војната, експертите рекоа комбинацијата од жртви, пребегнувања и избегнувања на војните довела до тоа војската да изгуби околу половина од својата сила од 300.000 војници. Корумпирана и деморализирана, армијата беше фатена неспремна кога бунтовниците на 27 ноември ненадејно излегоа од провинцијата Идлиб, наидувајќи на мал отпор, се вели во анализа на Франс 24.
Сириската опсерваторија за човекови права, со седиште во Британија, која врши воен мониторинг, објави дека војниците постојано ги евакуираа позициите низ целата земја додека бунтовниците притискаа напред, заземајќи еден град по друг.
– Од 2011 година, сириската армија се соочува со трошење работна сила, опрема и морал – рече експертот за Сирија во Францускиот институт за меѓународни и стратешки прашања, Дејвид Ригуле-Розе.
Недоволно платените војници, наводно, ограбувале ресурси за да преживеат, а многумина млади мажи избегнале регрутирање, изјави тој.
Во средата, Асад нареди 50% покачување на платите на платените војници во очајнички напор да ја зајакне својата армија која се распаѓаше. Но, со уништената економија на Сирија, платите на војниците се речиси безвредни и овој потег имаше мало влијание.
Русија и Иран се расеани
Со текот на годините, Асад многу се потпираше на воена, политичка и на дипломатска поддршка од клучните сојузници Русија и Иран, без кои неговиот режим речиси сигурно ќе пропаднеше многу порано во војната. Со нивна помош, режимот ја поврати територијата, изгубена по избувнувањето на конфликтот во 2011 година, а руската интервенција со воздушни сили, во 2015 година, го промени текот на војната во корист на Асад.
Сепак, минатомесечната офанзива на бунтовниците се случи додека Русија и понатаму е заглавена во војната во Украина, а нејзините воздушни напади овој пат не успеаја да ги задржат бунтовниците, предводени од исламистите кои зафатија делови од земјата.
– Русите сакаат повеќе да му помагаат на сирискиот режим, но нивните воени ресурси во Сирија се значително намалени како резултат на тековната војна во Украина – објаснува за Франс 24 експертот за Блискиот Исток, Васим Наср.
Другиот клучен сојузник на Асад, Иран, долго време обезбедува воени советници за вооружените сили на Сирија и ги поддржува провладините вооружени групи на теренот. Но, Иран и неговите сојузнички групи претрпеа огромни неуспеси во борбите со Израел оваа година и тоа им овозможи на сириските бунтовници да го нападнат изолираниот Асад.
– Сириските бунтовници имаат долг крвен долг со Иран и офанзивата се случи сега бидејќи Иран и неговите сојузници беа премногу слаби за да продолжат да го зајакнуваат сирискиот режим – додава Наср.
Хезболах е во аут
Либанската воена група Хезболах, која е под директно влијание на Иран, отворено го поддржува Дамаск на терен од 2013 година, испраќајќи илјадници борци преку границата за да ја засилат сириската армија. Но, бунтовниците ја започнаа својата офанзива кон крајот на минатиот месец, на истиот ден кога стапи на сила прекинот на огнот меѓу Израел и Хезболах, по повеќе од една година непријателства во Либан.
Хезболах префрли многу од своите борци од Сирија во јужен Либан за да се соочи со Израел, ослабувајќи го неговото присуство во соседната земја. Борбите го десеткуваа раководството на Хезболах, со долгогодишниот шеф на групата Хасан Насрала, неговиот претпоставен наследник и со низа високи команданти убиени во израелските воздушни напади.
Во неделата, додека сириските бунтовници без противење навлегоа во Дамаск, извор близок до Хезболах рече дека групата ги повлекува своите преостанати сили од предградијата на главниот град и од областа Хомс во близина на границата.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го опиша падот на сирискиот режим како „директен резултат на ударите што им ги нанесовме на Иран и на Хезболах, главните поддржувачи на Асад“.
Американскиот претседател во заминување, Џо Бајден, исто така, тврди дека САД и нивните сојузници ги ослабнале поддржувачите на Сирија – Русија, Иран и Хезболах. Тој рече дека првпат сојузниците на Асад повеќе не можат да ја бранат неговата власт.
– Нашиот пристап го промени балансот на силите на Блискиот Исток – додаде Бајден.
Што понатаму за бунтовниците?
Бруталноста на сирискиот режим е заменета со неизвесност.
Бунтовниците се предводени од Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), група која произлезе од огранок на Ал Каеда. Нејзиниот водач, Абу Мухамед ал Голани, бил вклучен во милитантите кои се бореле со американските сили во Ирак, по нивната инвазија во 2003 година. А Стејт департментот нуди награда од 10 милиони долари за информации за него.
Во последниве години тој се обиде да проектира поумерен имиџ, прекинувајќи ги врските со Ал Каеда, откажувајќи се од меѓународниот екстремизам и наместо тоа, фокусирајќи се на создавање исламска република во Сирија. Тој вели дека ги поддржува верската толеранција и внатрешната дебата.
Ова беше повторено во неговата наредба преку сирискиот државен весник, во понеделникот, дека не треба да има контрола врз начинот на кој се облекуваат жените.
И покрај тоа, остануваат безброј сложености и проблеми.
Првин, бунтовничката коалиција, предводена од ХТС, се чини дека е кревка, анализира Ен-би-си њуз.
Бунтовниците, поддржани од Турција, во последните денови започнаа напади врз курдските сили во северниот град Манбиџ, соопштија локалните власти.
Во меѓувреме, ХТС започна да ги наведува основите на државата во зародиш – објавување насоки за затворска казна за кражба и за криминална штета, како и молба „да нема пресметки и да не се бара одмазда“.
Сепак, останува нејасно што ХТС има на ум за иднината на Сирија, а приказните за држави, разурнати од војна, кои се издигнуваат од диктатура до процут во демократии, се ретки. Сирија ќе биде предизвик како и сите други.
Стивен А. Кук, висок соработник во Советот за надворешни односи во Вашингтон, го нарече овој миг „сега од никогаш“, кој потсетува на источноевропејците кои ја отфрлија советската власт во 1989 година.
„Земјата не е предодредена за насилна иднина, но би било погрешно да не се разгледа можноста за бунт против новиот поредок“, напиша тој на брифинг.
КОЈ Е НОВИОТ ПРЕМИЕР НА СИРИЈА? Електроинженер доби задача да ја формира преодната влада
Подготвил: Хари Кацановски