Пациентот од Ресен добил една од најлошите манифестации на болеста, со засегање на белите дробови, крвта…
За починатиот ресенчанец, Илче Котевски, претседател на РК Преспа, кој на 40 годишна возраст, синоќа во ГОБ „8 Септември“ ја изгубил битката со ковид-19, новинарите денеска прашуваа дали тој боледувал и од некои други заболувања и дали бил лекуван со крвна плазма, која за него се барала и преку социјалните мрежи.
– Да се направи увид треба во документацијата, но за жал вирусот не штеди никој и кај млади луѓе еве се јавуваат сериозни компликаци и дури и смртен исход. И неколку други слични случаи имаше. Ова е една од најлошите манифестации на болеста кај овој пациент, со засегање на белите дробови, крвта . За конкретни податоци, ќе треба увид во документација да направиме – одговори денеска минстерот за здравство, Венко Филипче.
Тој немаше информации во врска со тоа што и командирот на Затворот во Штип е позитивен.
– Ќе проверам за тој случај со штипскиот Центар за јавно здравје, веќе претпоставувам се направени анкетите или се во тек – рече Филипче, кој изјави дека факторот на пренос на вирусот е под единица изминатите пет-шест дена и изрази надеж така и да остане.
– Пред нас се летните месеци, а во следниот период врз основа на намалениот фактор на пренос, треба да има и намалување на бројот на пациентите. Но, доаѓаат есенските месеци, кога и времето нема да биде убаво, луѓето ќе бидат на затворено повеќе , а ќе почнат со работа и школите. Тоа се сериозни ризик-фактори, заедно со пациентите кои имаат и друга патологија, и тоа може да биде сериозен проблем за нашиот здравствен систем и многу поголем предизвик и од првиот и од вториот бран. Но не само кај нас, туку насекаде во регионот – појасни Филипче.
За редот на летање засега нема информации за ниту една компанија.