Пациенти со ковид-19 од Македонија, Србија и од Албанија ќе се лекуваат во болници во трите земји
Трите земји потпишаа Меморандум за соработка со кој ќе разменуваат искуства и ќе се соработува во борбата против коронавирусот, како и ќе се овозможи државјани на трети земји да бидат примани во локални болници.
– Отвораме зелени коридори за патување на нашите граѓани и економските окператори со кои се ублажуваат последиците од ковид-19. Граѓаните и, пред сѐ, носителите на економијата ќе се движат помеѓу трите земји без потреба од ПЦР тестови, односно ќе се ослободат од административен и финансиски товар граѓаните на нашите држави притоа почитувајќи ги сите мерки на заштита кои се речиси идентични во сите три земји – рече Заев.
Доколку еден граѓанин на некоја од земјите потписнички се затече на територијата на друга земја и треба да се лекува таму каде што е хоспитализиран, тогаш, како што објасни Заев, државата во која се лекува ќе ги преземе трошоците за тоа лекување.
– Доколку некој граѓанин на Северна Македонија се разболи и треба да се лекува во Албанија или во Србија, тогаш нашите соседни држави ќе го покријат лекувањето и нашиот граѓанин нема да плаќа од својот џеб. Истото ќе важи и за граѓаните на Албанија и Србија доколку се затекнат на нашата територија и им е потребна помош. Ова се моменти на солидарност, на трезвено размислување, и на поткрепа која си ја даваме меѓу себе – рече Заев.
Албанија и Србија исто така го потпишаа и билатералниот договор за слободно движење на нивните граѓани само со лични карти.