Оваа риба можеби смрди од опашката, ама ќе мора да се чисти од главата

Што можеме да научиме од „дајџестирањето“ на непресушните скандали поврзани со кланот Заеви, со Филипче и компанија? Можеби народот е во право кога вели дека рибата смрди од главата (а се чисти од опашката, нели), но Заев е повеќе во право - бидејќи кога смрди од опашката, богами базди поинтензивно, поинтересно, а и позабавно.

1,538

Се сеќаваме на оној симпатичен гаф на поранешниот лидер на СДСМ, премиерот што „нѐ внесе во НАТО“ на носила, несудениот Нобеловец, Зоран Заев, кој се обиде да нѐ убеди дека рибата смрди – од опашката.

Тогаш се смеевме, ама сега, како што тече расплетот на коруптивните скандали на поранешната власт, сѐ ми се чини дека имало некоја скриена мудрост, во таа Заева фројдовска интерпретација на народната поговорка за тоа како смрди рибата и како се чисти.






Не знам дали е прашање на тактика на полициските истраги, или напросто сплет на околности, но впечаток е дека засега соочувањето со богатото коруптивно наследство на кланот Заеви оди токму така како што предвиде Муртинецот – како со реа од опашката.

Така пред неколку месеци се отвори и аферата „Крмзов“, во која главен лик (засега) е бизнисменот Ристо Крмзов, за кого со години се знае дека е доверлив човек на кланот Заеви. Почна да базди со откривањето на шемата на фиктивно прикажување добивки, симулирано плаќање даноци и организиран поврат на ДДВ. Утровото (9 јуни) нѐ затекна веста дека Крмзов е зад решетки.

И аферата „Зобек“ почна да смрдуцка лани во декември, кога се откри дека фирмата „Зобек-Мининг“ добила некаков спорен тендер за нивелирање на земјиштето во слободните индустриски зони Штип и Струмица, поради што тогаш беше осомничен поранешниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски, за злоупотреба на службена положба и овластување.

Во меѓувреме, како што дознаваме, во опашката на рибата се случила сериозна кавга меѓу Заеви и газдата на „Зобек-Мининг“, извесен Енис Колашинац, лик познат во скопската бизнис елита. Оваа кавга предизвикала нагло протекување измет од рибата (од клоаката, таму под опашката), кој пак ги фертилизирал напорите на истражувачките новинари да ги поврзат конците и да го откријат „епскиот криминал“.

Посебна парфем-нијанса во таа реа е појавата на Венко Филипче во приказната (lupus in fabula). Ај што со некоја своја фирма бил прв комшија на фирма на Вицето Заев во европејскиот економски гигант Петрич (онаа фирма на Вицето која го собирала кајмакот од „Зобек“, кој пак зобал милиони од ЕСМ). Да речеме дека сето тоа било само случајност. Но, Венко кутриот станал сопственик и на луксузното возило „ауди Q8“, кое наводно било земено на лизинг од фирмата „Зобек-Мининг“, за актуелниов лидер да не вози некаков крш за време на кампањата за изборите на кои СДСМ падна на 150.000 гласови.

Можеби народот е во право кога вели дека рибата смрди од главата (а се чисти од опашката, нели), но Заев е повеќе во право – бидејќи кога смрди од опашката, богами базди поинтензивно, поинтересно, а и позабавно.

Деталите на овие скандали, како и деталите на сите други скандали кои ВМРО-ДПМНЕ упорно ги „дајџестира“ на редовни прес-конференции, покажуваат две работи:

Од една страна, иако станува збор за основани сомнежи за криминали од милиони и милиони евра, перформансите на луѓето од кланот Заеви и на поврзани со нив се толку бедни, што партијата на власт има на располагање непресушен извор на приказни за долготрајно задоволување на ниските страсти и на љубопитството на широките народни маси  – а тоа е повеќе од потребното за едно долготрајно „динстање“ на актуелната врхушка на СДСМ, на чело со Филипче и со спонзорот Заев. Најмалку до следните парламентарни избори. Откако на локалните во октомври СДСМ ќе клапне под 150.000 гласови…

Од друга страна, впечаток е дека целата приказна има некоја прогресија, во насока на бавно, темелно, но сигурно стегање на јамката околу шијата на Заеви. Во моментов безбедно засолнета во Дубаи, нормално. Порано или подоцна, на рибата сепак ќе мора да ѝ се распори мевот, да се отстранат и главата и опашката, потоа внимателно да се филетира и да се фрли на скара.

И опашката и главата ќе завршат во – чорбата.

Како што треба…

Поврзани содржини