„ОВА СЕ ЛОКАЛНИ, А НЕ ИСТОРИСКИ ИЗБОРИ“ Гаши не очекува инциденти на гласањето и ги повикува партиите на фер процес

Ние како Собрание правиме сè што можеме сите актери во изборите да го слушнат овој глас – дека политичката битка не вклучува инциденти, рече претседателот на Собранието, Африм Гаши.

212

Срамота е после 34 години независност на Македонија ние повторно да зборуваме за опасност од инциденти на денот на изборите, порача денеска претседателот на Собранието Африм Гаши на брифинг со новинарите.

– Јас немам никакви индиции, ниту до мене, како претседател на Собранието и член на Советот на безбедноста стасале информации за можни инциденти и проблеми при локалните избори – рече Гаши.






Собранието на седницата в петок, на 12 септември, ќе усвои декларација за фер и демократски избори, која е прва ваква декларација што е иницирана во законодавниот дом. Традиционално, декларација за фер и демократски избори се потпишува во Државната изборна комисија, од страна на учесниците.

– Со ова што го правиме, целта е да нема инциденти и декларацијата е во таа насока. Секој кој не го испочитувал својот потпис после би требало да сноси одговорност. Сакаме да дадеме тежина на страната на фер и демократски извори и да оставиме помалку простор на тие што сакаат инциденти – рече Гаши одговарајќи на новинарско прашање дали е можно да има инциденти и проблеми на изборите и покрај декларацијата, со оглед на острата реторика на кандидатите за градоначалници во Чаир, која е – да се биде или не, што, пак, лесно може да создаде инциденти и во Чаир, но и во другите општини каде се водат главните изборни битки меѓу партиите од албанскиот блок.

– Изборите се најдобриот индикатор за развојот на демократијата. На локалните избори не смее во никој случај да се загрози правото на ниеден граѓанин да ја изрази својата волја да гласа за кого сака. Ние како Собрание правиме сè што можеме сите актери во изборите да го слушнат овој глас – дека политичката битка не вклучува инциденти. Зошто да има инциденти? Јас не се согласувам дека овие избори се толку битни, секако битни се за локалните теми и проблеми, но, не можеме секои избори да ги сведеме на историски. Овие се за локални проблеми, за канализација, водовод, хигена, чист воздух, за развојни проекти итн. Не се согласувам изборите да се сведат на „да се биде или не“ и немам никаква индиција дека се подготвуваат инциденти. Од 2 ноември сите институции редовно ќе работат, сонцето ќе изгрее … – рече претседателот Гаши.

Тој повика на максимална смиреност и побара сите фактори да се однесуваат одговорно – политичките партии, активистите, граѓанското општество и медиумите.

Поврзани содржини