Ова (не) е пат за Европа
Никој од оваа власт во ниту еден миг не одговара на бројните укажувања за скриените стапици на онаквото неуко вклучување на Бугарите како државотворен народ во Преамбулата на Уставот. Никој воопшто и не спомнува што понатаму би се случувало на нашиот евроинтегративен пат и кога и како ќе се активираат оние „одбрамбени бугарски механизми“ од протоколите и кој е нашиот одговор на истите.
Насловот е само минијатурна парафраза на актуелната помпезна изјава на самиот „crème de la crème“ на нашите евроинтеграции, во којашто оваа власт, на неа својствен дилетантски начин, ни го објаснува „патот за Европа“ преку уставните измени. И таму, на тој нивни „пат“, но и не само таму, секогаш сѐ е така едноставно, просто, како два и два четири, иако на крајот резултатот по правило е спротивен. И кај нив секогаш сѐ е така идеално површно, така детски наивно, така фантастично политикантски неуко… И секогаш тие би да ја делат нивната одговорност („Иднината на државата не е одговорност само на Владата“) но не и одлучувањето и привилегиите, да повикуваат на отворање некакви фронтови („Сега е време на фронтот за Европа“) откако сѐ ќе упропастат со нивната глупост и суета, упорно лажливо да повикуваат на „поминување на оваа точка која е неповторлива“ а да ги кријат останатите еднакво „неповторливи“ точки пред историскиот амбис.
Но, де факто, таа лажливост, таа суета и непринципиелност одамна се претвори во главен modus operandi на оваа коалиција на власт. Впрочем, зарем имаше дилеми дека Комисијата за уставни прашања ќе ги прифати предложените измени на Преамбулата на Уставот во насоката склепана од онаа „стручна“ Комисија? Не, зашто одамна најголемиот дел од македонските пратеници размислуваат не со главата туку со некои други, не баш соодветни делови на телото. А впрочем, ни тоа не е чудно бидејќи тие се целно така бирани: да размислуваат со задникот наместо со главата. Зашто, друго објаснување за нивниот чин едноставно – нема.
А кога неодамна напишав дека власт која не им верува на врвните научни и стручни институции во земјата е само грст провинцијални приучени политиканти кои стручноста и компетентноста ги заменува со лаги, манипулации, притисоци и заплашувања со цел да им удоволи на странските партнери, мислев и на пораките од типот на онаа на првиот човек на МАНУ (одамна оваа институција не сум ја пишувал со големи букви, како што заслужува!) апропо претстојното гласање за уставни измени. Но за Комисијата за уставни прашања ни апелот на угледен светски научник од форматот на Коцарев ништо не значи. Тие си имаат своја „мисија“, тие – Џафери, Биљали-Зендели, Коциќ, Костовски… и останатите подлизурковци – се поголеми уставни експерти и од претседателот на МАНУ, и од Сиљановска-Давкова, и од Апасиев итн.
Никој од оваа власт во ниту еден миг не одговара на бројните укажувања за скриените стапици на онаквото неуко вклучување на Бугарите како државотворен народ во Преамбулата на Уставот. Никој воопшто и не спомнува што понатаму би се случувало на нашиот евроинтегративен пат и кога и како ќе се активираат оние „одбрамбени бугарски механизми“ од протоколите и кој е нашиот одговор на истите. Никој ни да „зуцне“ за упорните бугарски објаснувања дека вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав е само прелиминарен услов за почетокот на преговорите за членство на земјата во ЕУ и тоа не ги исцрпува условите што треба да ги исполни Македонија.
Впрочем, пред само десетина дена бугарското МНР му испрати честитка на Османи: „Патот на Северна Македонија кон членството во ЕУ има јасно дефинирани параметри. Неодговорно и контрапродуктивно е да се нарушува тешката и деликатна рамнотежа со несоодветни и тенденциозни толкувања кои отстапуваат од критериумите јасно утврдени од Советот на ЕУ за оваа работа. Посебно опасни се обидите манипулативно да се претстават условите кои се веќе договорени и опишани во компромисот од 2022 година, како некои нови барања на Република Бугарија“.
Но, очигледно е веќе дека во овој маратон на лаги никој од власта во догледно време нема да ги коментира овие нешта. Затоа во игра ги држат само оние веќе излитени, лажни флоскули на коишто се повикуваат сите од владината врхушка, меѓу коишто особено на онаа дека „интегрирањето на Бугарите во Уставот е формализирање на тоа дека станува збор за два различни народа“ (Османи). Истите – да простите, измислици – „државнички“ ги пласира и премиерот: „Се работи за техничка измена на Уставот во која што покрај постојните делови од народи кои се дел од нашата Преамбула се додаваат делови од други народи кои досега не биле дел од Преамбулата, меѓутоа биле наведени под ’други’ во самата Преамбула (…).“
Треба многу нешта да не знаеш и да не разбираш за да една длабоко суштинска измена на Уставот што задира во цела низа векови македонска историја ја наречеш – „формална“ или „техничка“. Дури и не сум докрај сигурен дека човек кој решил да се занимава со политика може да биде толку неук и таков игнорант па да изрече такви произволности. Или невистини, како сакате. Свесно. Или полесно ќе ни биде ако е тоа направено несвесно?
Во која и да е друга прилика би рекол дека е несериозно дополнително да се замајуваме со такви белосветски глупости. Но оваа не е таква прилика, не е таков момент туку очигледно денес, и утре, се прекршува македонската историја и секакви полуписмени ликови си го присвојуваат правото да допишуваат нова. Навистина е непријатно ваквите малолетни „објаснувања“ сериозно да се коментираат, но сепак: ако, како што вели премиерот, во она „други“ и до сега биле скриени Бугарите, зошто не ги оставиме таму, зошто со сила ги именуваме во Преамбулата? А зошто тогаш и источниот сосед запнал поименично да биде пикнат токму во Преамбулата? Малку му е она „други“, и зошто му е малку? И колку можеме ние да бидеме слепи при очи? И зарем целана онаа силна бугарска машинерија се покренала заради една таква банална цел – формално населување на Преамбулата на македонскиот Устав? Или целта е поголема, посуштинска, подолгорочна?
Или Владата, сосе премиерот и министерот за надворешни работи, навистина сака да ни каже дека ние во Преамбулата ги внесовме и другите народи односно делови од народи само за да направиме разлика меѓу нив и нас? Па зошто сега не и Бугарите? И зарем навистина некој мисли дека Бугарија всушност ни прави услуга, дека бугарската повеќевековна дипломатска школа визави онаа првоодделенската на Маричиќ и Османи самата се поставува на таков лизгав терен, ама ете, ние ја надитруваме?
Она што во моментов останува недоволно јасно е дали оваа „операција“ е навистина производ на тоталната неукост на македонската власт и неспособноста да се согласедаат историските последици, или тука има свесна намера, и каква? Во обата случаи одговорот е поразителен за македонската држава, или она што останале од неа. Но и во обата случаи станува збор за тежок – свесен или несвесен деликт – против историските интереси на државата и народот.
И ова го кажувам особено заради срамното и простачко етикетирање од страна на премиерот на сите кои не се согласуваат со неговите/нивните глупави објаснувања на целата „Операција Бугари“. Старата УДБА-шка хистерија од 1948 се чини повторно завладува во Македонија: или си со нас или си против нас! Но и тоа, покрај политичката, (не)образовната и (не)културната капацитетност, доволно говори за (не)демократскиот бауч што кружи низ земјава. Премиерот не се доискажа: што ќе биде следното? Бараат локации за логори, транспорт на „ботовите“ во Сибир… што? Во нормални земји, но и во рамките на некоја нормална „меѓународна заедница“, таквите изјави би биле доволен сигнал за прекинување на сите започнати процеси за евроинтеграција на една таква земја.
П.С.
„Во апс! Во логор! Ами што! Кога сакаат да служат на други против својата партија”, барал Тито во онаа 1948 година. Зошто и ние не би го примениле тоа искуство?