„ОВА Е ПОСЛЕДНИОТ ПОВИК ЗА ЕВРОПА“ Ковачевски побара мандат за да ги поправи грешките

Лидерот на СДСМ им порача на социјалдемократите да бидат горди и затоа што ние никогаш како партија не се откажале кога требало да се донесат тешки одлуки за државата да се оди напред.

715

Двојните избори на 8-ми се последниот повик за Европа и од тоа, нема да се откажеме, изјави лидерот на  СДСМ, Димитар Ковачевски на завршниот митинг во Скопје.

– Исто како што не се откажавме изминативе седум години кога се соочивме со многу предизвици. Кога се боревме со сите кризи, со пандемијата, со инфлацијата, со енергетските проблеми! Знаете и самите дека имавме многу подеми и многу падови. Но, во ниту еден момент, ниту се откажавме, ниту се предадовме, ниту се повлековме. Бевме рамо до рамо со граѓаните – рече Ковачевски.






Тој им порача на социјалдемократите да бидат горди и затоа што ние никогаш како партија не се откажале кога требало да се донесат тешки одлуки за државата да се оди напред.

Ковачевски рече и дека не бегаат од одговорност и свесни се за кадровските, политичките и коалициските грешки.

-За направените грешки, ние ја добивме казната. Потполно сме свесни за тоа и ја примивме пораката со достоинство и со почит. И вие видовте и самите, грешките ги прифативме, лекцијата ја научивме. И затоа, сакам да ви порачам од тука, јасно и гласно: ако ја добиеме довербата од граѓаните, тоа повеќе нема да се случува. Тоа е моето ветување до вас – рече Ковачевски.

Тој додаде дека да продолжи напредокот на земјата мора да се борат и натаму.

-И за тоа да продолжи мора да се бориме, да продолжиме да ја менуваме Македонија, и да ја направиме европска држава! Да обезбедиме систем за сите, да можат законите да важат за сите, да има исти права за сите, да има ред и поредок, повисок стандард, безбедна и стабилна земја! И за тоа да се случи, има само еден пат, има само еден начин! Со членството во ЕУ, со поддршката на Европската Унија, со нашите стратешки партнери САД и сите наши сојузници кои треба да ни помогнат да направиме подобро место за живеење во Македонија а не нивните места да бидат подобри места за живеење за Македонците.  Членството во ЕУ е единствениот начин за суштински промени во државата – рече Ковачевски.

Поради ова, додаде Ковачевски, ја креирале Програмата за европска иднина, со зголемени плати и пензии, поголема поддршка на младите, подобри услови во образованието, јавното здравство, бизнисот и други општествени сфери.

Поврзани содржини