ОВА ЌЕ БИДЕ ВАТЕРЛО ЗА ОБВИНИТЕЛСТВОТО! Случајот против Жан Митрев се распадна, нема никаков доказ за измама на пациентите
„Главниот сведок на Обвинителството, доктор од друга клиника, сведочеше практично во прилог одбраната. Наводно измамените никогаш воопшто не се сретнале со 'измамникот' д-р Жан Митрев. Од самиот почеток на судењето не ми беше јасно како без вештачење ЈО ќе докаже дека методата на хемофилтрација била помалку ефикасна од она што докторот не им го ни ветувал, туку го објаснувал на телевизија“, вели професорот Гордан Калајџиев.
Ватерло за обвинителството во случајот против Жан Митрев!
Вака, случајот против кардиохирургот д-р Жан Митрев, кому му се суди за наводна измама, го оцени познатиот македонски кривичар Гордан Калајџиев.
– Главниот сведок на Обвинителството, доктор од друга клиника, сведочеше практично во прилог одбраната. Наводно измамените никогаш воопшто не се сретнале со „измамникот“ д-р Жан Митрев. Од самиот почеток на судењето не ми беше јасно како без вештачење ЈО ќе докаже дека методата на хемофилтрација била помалку ефикасна од она што докторот не им го ни ветувал туку го објаснувал на ТВ. Клучниот „доказ“ на ЈО сега е квази-вештачењето на комисијата на Министерството за здравство, кое процесно и не може да биде доказ, затоа што е мислење кое нема да може да се тестира пред судот, што ЗКП изречно го забранува. Се ла ви… – пишува професорот Калајџиев на Фејсбук.
Претходно, на последното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје, на судењето против Жан Митрев, сведочеа претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски и поранешната директорка на Инфективната клиника во Скопје, Милена Стевановиќ.
Петличковски посочи дека Комисијата за заразни болести во ниту еден момент не дала препорака за примена на хемофилтрацијата како рутински метод за лекување на Ковид-19.
– Во документот за авторизација на хемофилтрацијата како метод на лекување на Ковид, издаден од Американската агенција за храна и лекови, се регулира примената на хемофилтрацијата кај тешко заболените од Ковид-19, во ситуација кога се исцрпени сите други начини на лекувања. Тоа е состојба кога нема посоодветен лек и во строго регулирани ситуации може да се применува – рече Петличковски.
– Методата е инвазивна и нова и е составен дел од софистицирани методи кај тешко болните пациенти кај кои што се следи органско зафаќање, па лекарите се обидуваат да дадат шанса. Секоја квази метода има свои несакани случувања кои не можат да се предвидат, ниту спречат, а хемофилтрацијата е корисна за пациентот да добие шанса – рече Стевановиќ.
Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе обвинителен акт против доктор Жан Митрев, како физичко лице и oбвинителен предлог против неговата Болница, како правно лице, за продолжено кривично дело „измама“ од член 247 од Кривичниот законик. Предметот е оформен по допрен глас, откако минатата година се објави документарец во кој се тврди дека приватната болница „Жан Митрев“ им наплаќала на пациенти високи суми пари за хемофилитрација при лекување од Ковид-19, по што беше отворен и предметот во ОЈО Скопје.
Како што е познато, во досегашниот тек на судењето, Обвинителството не успеа да докаже дека д-р Жан Митрев се среќавал со наводно „измамените“ пациенти, ниту дека методата на хемофилтрација била недозволена или со јасно докажана помала ефикасност од другите методи на лечење на ковид-19. Како што вели д-р Стевановиќ, угледен експерт од јавното здравство, станува збор за нова метода, која се користела за пациентот да добие шанса за преживување.