ОВА БЕШЕ ЕДЕН ОД НАЈТЕШКИТЕ ДЕНОВИ ОВАА СЕЗОНА Има уште 15 активни пожари, два загрозуваат куќи

Директорот на ДЗС Стојанче Ангелов пелираше на поголема внимателност на граѓаните, бидејќи, како што рече, доволна е една искра за вистинска катастрофа.

1

Ова е еден од најтешките денови оваа сезона на пожари на отворен простор. Имаме повеќе од 15 активни пожари во овој момент, околу 17 часот попладне. Два од нив загрозуваат и населени места, изјави попладнево директорот на ДЗС Стојанче Ангелов кој апелираше на поголема внимателност на граѓаните, бидејќи, како што рече, доволна е една искра за вистинска катастрофа.

– Пожарот којшто изби во непосредна близина на село Баница и Водоча, односно веднаш до Струмица, ги загрози дури и првите куќи од Струмица, е сопрен како што може да се забележи на неколку метри од самите куќи благодарение на брзата интервенција на храбрите струмички пожарникари, со поддршка на пожарникарите од Валандово и Радовиш коишто веднаш ги пратив овде да помогнат. Градоначалникот беше тука цело време, максимално употребувавме механизација за правење на пресеки и помогна и еден ер-трактор на Дирекцијата – рече Ангелов.






Тој додаде дека, за жал, пожарот е сè уште активен од спротива во полето, и изрази надеж дека нема да се прошири кон другите села.

-​ Вториот тежок пожар е на територијата на општина Прилеп, некаде спроти гробиштата, над гробиштата, којшто ги загрози викендиците, односно викенд населбата непосредно во близина на гробиштата. Сега тој е ставен под целосна контрола, таму работеа пожарникарите од Прилеп, на коишто им честитам на ваквата жестока битка со огнот, со поддршка на тимот од Битола и тимот од Кавадарци коишто дојдоа нешто подоцна, како и два ер-трактори на Дирекцијата за заштита и спасување – рече Ангелов.

Директорот на ДЗС додаде дека тешки пожари има и на територијата на општина Желино, односно пожарот којшто е некаде спроти областа Карпалак, којшто гори високо во планината, но, како што истакна, може да загрози неколку викендици и земјоделски површини. Таму, нагласи, се наоѓаат тетовските пожарникари. ​

– Тежок пожар имаме и на територијата на општина Маврово и Ростуше, којшто е активен во текот на вчерашниот ден, доцна во попладневните часови, но и сега. ​Исто така, имаме тешки пожари непосредно коишто изби во непосредна близина на Драчево, над бензинската пумпа, таму е скопската бригада, очекувам бргу да го изгаснат. ​Повторно имаме реактивиран пожар над Китка, којшто исто така се заканува да тргне кон некои од блиските села, планински, полунапуштени села, вели Ангелов.

Потенцира дека пожари има и на други места во земјава.

– За жал, нашите апели не вродуваат со плод, а високите температури коишто се блиску 40-тиот степен, ветерот кој што е засилен, но и го менува правецот, дополнително го отежнуваат гаснењето на овие пожари. Затоа апелирам до сите граѓани да бидат исклучително внимателни, затоа што доволна е искра за вистинска катастрофа – рече директорот на ДЗС Ангелов.

Поврзани содржини