ОТВОРЕНИОТ ОРМУЗ ИМ ОТВОРИ АПЕТИТ ЗА АКЦИЈА! Европските сили се нудат, Трамп ги откачува: „Каде бевте до сега?“

Им реков да се држат настрана, освен ако само не сакаат да ги наполнат своите бродови со нафта. Беа бескорисни кога ни беа потребни, хартиен тигар – напиша Трамп. Паралелно со оваа остра реакција од Вашингтон, Лондон и Париз веќе ја градат рамката за идната мисија, која според нив треба да се активира штом безбедносните услови го дозволат тоа.

259

Европските сили се подготвуваат за заедничка мисија за обезбедување на пловидбата низ Ормуската Теснина, но иницијативата доаѓа во момент кога американскиот претседател Доналд Трамп отворено ја оттурна нивната понуда, порачувајќи дека „сега не му требаат“. Додека Кир Стармер и Емануел Макрон туркаат мултинационален, „строго мирен и дефанзивен“ ангажман, Фридрих Мерц и Џорџа Мелони сигнализираат подготвеност за учество – но со различни услови и очекувања за улогата на САД.

Трамп ја отфрли европската помош и прати јасна порака

– Им реков да се држат настрана, освен ако само не сакаат да ги наполнат своите бродови со нафта. Беа бескорисни кога ни беа потребни, хартиен тигар – напиша Трамп, одговарајќи на понудата од НАТО за помош во теснецот, со што практично ја оттурна европската иницијатива во оваа фаза. Тој притоа им се заблагодари на Саудиска Арабија, ОАЕ и Катар за, како што наведе, „големата храброст и помош“, најавувајќи дека Иран, со поддршка од САД, ќе ги отстрани сите мини од Ормуската Теснина.

Паралелно со оваа остра реакција од Вашингтон, Лондон и Париз веќе ја градат рамката за идната мисија, која според нив треба да се активира штом безбедносните услови го дозволат тоа, односно по стабилизирање на ситуацијата по конфликтот со Иран. Во таа насока, европските лидери се обидуваат да соберат поширока коалиција од земји заинтересирани за непречен проток на нафта и гас низ еден од најважните светски поморски коридори.

Лондон и Париз ја градат мисијата за Ормус

– Можам да потврдам дека заедно со Франција, Обединетото Кралство ќе предводи мултинационална мисија за заштита на слободата на пловидба штом условите го дозволат тоа. Ова ќе биде строго мирно и дефанзивно, како мисија за смирување на комерцијалниот превоз и поддршка на чистењето на мини, а ги покануваме сите нации кои имаат интерес за слободниот тек на глобалната трговија да ни се придружат, при што некои веќе ја изразија својата подготвеност да придонесат – изјави Стармер.

Тој најави дека иницијативата ќе добие конкретна форма веќе следната недела, кога во Лондон ќе се одржи конференција за воено планирање, на која ќе се прецизираат составот и задачите на мисијата, нагласувајќи дека повеќе од десетина земји веќе понудиле ресурси и капацитети за учество.

Германија бара правила, мандат од ООН и САД во системот

Германија ја поддржува идејата, но инсистира на јасни политички и правни рамки, како и на поширока меѓународна поддршка. Берлин гледа на мисијата како дел од поширок напор за гарантирање на слободата на пловидба, но истовремено сака да избегне еднострано ангажирање без јасен мандат.

– Ние сме способни за тоа, можеме да придонесеме со чистење мини и поморско извидување, но потребна е јасна правна основа, на пример преку резолуција на Советот за безбедност на ОН, како и одлука на владата и мандат од Бундестагот, заедно со одржлива воена стратегија. Тоа би било пожелно од наша гледна точка и во однос на евентуалната вклученост на САД, доколку е можно – рече Мерц.

Осврнувајќи се на одлуката на Техеран повторно да го отвори теснецот, германскиот канцелар нагласи дека тоа мора да се спроведе без условувања и во согласност со меѓународното право, за да се избегнат нови тензии околу протокот на енергенси.

– Тоа мора да биде уредено во целосна согласност со меѓународното поморско право, на таков начин што нема да има никакви ограничувања. Иран мора да го отвори теснецот сигурно, трајно и без да бара плаќања од каков било вид – истакна Мерц.

Италија се приклучува, се чека стабилизација на терен

Италија, пак, најави конкретен придонес, но со јасни внатрешни процедури. По разговорите во Париз, Рим сигнализира дека е подготвен да се приклучи на евентуалната мисија, нагласувајќи ја важноста на иницијативата за глобалната економија и енергетската стабилност.

– Иницијативата е исклучително важна и затоа сметав дека е неопходно лично да присуствувам. Италија е подготвена да стави на располагање морнарички единици за обезбедување на превозот во теснецот, но секое распоредување ќе мора да добие одобрение од парламентот согласно уставните процедури – изјави Мелони.

Во меѓувреме, Трамп ја поздрави одлуката на Иран повторно да ја отвори Ормуската Теснина, нагласувајќи дека „никакви пари нема да се разменуваат на кој било начин, форма или вид“, додека САД ќе продолжат со сопствена поморска контрола насочена кон бродови поврзани со Иран.

Поврзани содржини