ОТВОРЕНА ОБНОВЕНАТА ПОСТАВКА НА АРХЕОЛОШКИОТ МУЗЕЈ Тоа е потврда дека земјава има длабоки корени и јасна визија за иднината, вели Мицкоски

На површина од 6.000 метри квадратни, распоредени во 107 модерни витрини, посетителите ќе можат да откријат повеќе од 5.000 археолошки предмети – од палеолитските алатки, неолитските култури, бронзеното и железното време, па сè до антиката, средниот век, османлискиот период и поновата историја од 19 и 20 век.

111

Во пресрет на Денот на независноста вечерва во Археолошкиот музеј е отворена обновената музејска поставка со којашто нашето културно наследство е прикажано на подостапен и интерактивен начин. На површина од 6.000 метри квадратни, распоредени во 107 модерни витрини, посетителите ќе можат да откријат повеќе од 5.000 археолошки предмети – од палеолитските алатки, неолитските култури, бронзеното и железното време, па сè до антиката, средниот век, османлискиот период и поновата историја од 19 и 20 век.

Поставката е организирана во 18 оддели, а, според Археолошкиот музеј, таа е вистинско патување низ времето и сведоштво за животот и културата во земјава од најстарите траги се до 20-тиот век.






Премиерот Христијан Мицкоски кој говореше на оворањето рече дека оваа поставка не е само културен чин, туку силна порака дека земјава ја цени својата историја.

– По речиси седум години мораторум на претходната влада врз ваков значаен сегмент од нашата култура денес испраќаме порака дека нема повеќе застој, нема запоставување на она што е темел на нашиот идентитет. Нашата задача е да ја отвориме Македонија пред светот, да и овозможиме на јавноста, туристите, младите генерации да ја почувствуваат големината на културното наследство со кое располагаме- рече Мицкоски.

Новата поставка, како што посочи, е повеќе од музејски експонат.

– Таа е прозорец кон светот со која ја унапредуваме промоцијата на нашата култура, ја јакнеме туристичката понуда и ја потврдуваме позицијата на Македонија со длабоки корени и јасни визија за иднината, порача премиерот на отворањето на поставката во Археолошкиот музеј.

Директорката на Археолошкиот музеј Магдалена Манаскова рече дека  со поставката музејот отвара едно ново поглавје и станува место каде посетителите ќе се враќаат повторно секогаш наоѓајќи нешто ново.

– Вечерва отвораме ново поглавје во нашата работа – отвораме поставка чие официјализирање не значи завршен чин, туку почеток на континуирана приказна што постојано ќе се надополнува, почеток на едно ново и динамично функционирање. Со оваа поставка ја поставуваме основата, но и обврската секој месец да внесуваме новитети, тематски изложби, современи интерпретации на старите наоди, дигитални алатки за интерактивно учење и дијалог со публиката. Музејот од вечерва станува постојано движечки простор кадешто посетителите имаат причина повторно и повторно да се вратат секогаш наоѓајќи нешто ново – рече Манаскова.

Според неа посебно значење имаат новите археолошки наоди откриени во последните години на истражувањата во Корошишта, Скупи, Тумба Маџари и на други локалитети.

-Тие сведочат дека археологијата не е завршена приказна, туку процес којшто постојано не изненадува и не збогатува со нови сознанија – рече Манаскова.

Поврзани содржини