ОТВОРЕНА ОБИКОЛНИЦАТА КАЈ ГЕВГЕЛИЈА Во тек е изградба на уште неколку улици, крстосници и мост
Во тек е и реконструкцијата и рехабилитацијата на дел од булеварот Гевгелија, заедно со натпатникот на улицата Железничка и железничката пруга, проект во вредност од над 25 милиони денари.
Во Гевгелија денеска е пуштена во употреба улицата Свети Климент Охридски, обиколницата која претставува нов современ западен булевар и е директна артерија за сообраќајниот и економскиот живот на Гевгелија.
Проектот е вреден околу 2 милиони евра.
– Оваа улица не е само нов асфалт, туку симбол на нашата решителност, дека ветувањата не се дават за да се заборават, туку за да се исполнат – рече премиерот Христијан Мицкоски на отворањето.
Паралелно со овој проект, во тек е и реконструкцијата и рехабилитацијата на дел од булеварот Гевгелија, заедно со натпатникот на улицата Железничка и железничката пруга, проект во вредност од над 25 милиони денари. Овие вложувања се од огромно значење, затоа што обезбедуваат подобра поврзаност, безбедност и ефикасен проток на луѓе и стока.
Во завршна фаза е и изградбата на кружната крстосница на влезот во Гевгелија, со нов мост над каналот „Рауљ“, како и дислокација на дел од каналот под крстосницата, проект вреден повеќе од 27 милиони денари. Тоа се крупни инфраструктурни зафати што значат подигнување на општината на едно повисоко ниво.
– Сакам искрено да упатам пофалба и благодарност до градоначалникот на Гевгелија за неговата ангажираност, посветеност и соработка. Кога локалната самоуправа работи со Владата како партнери, тогаш резултатите не изостануваат. Овие проекти покажуваат дека Гевгелија е дел од приказната на новото време што го живее Македонија. Дел од новата фаза на домаќинско управување, одговорна политика и градење со поглед во иднината. Денес испраќаме порака дека продолжуваме да вложуваме, да градиме, да го менуваме лицето на секој град, секое село и секоја општина во Македонија – рече Мицкоски.
На отворањето присуствуваа вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за локална самоуправа Златко Перински, и градоначалникот на Гевгелија Андон Сарамандов.