ОТВОРЕН ПАТОТ КОН КРИМ? Украинците ослободија стратешки важно место во Запорожје

Украина во големата летна контраофанзива, се обидува да го пресече копнениот коридор кон Крим, кој беше анектиран од Русија во 2014 година.

1,178

Неодамнешните успеси на украинските сили на јужниот фронт би можеле да го отворат патот за Русите да бидат потиснати назад на анектираниот полуостров Крим, истакна украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба. Тој рече дека ова стана можно откако украинската армија го ослободи „стратешки важното“ село Роботинe во регионот Запорожје.

Руската војска соопшти дека нејзините сили сѐ уште се држат во селото. Украина во големата летна контраофанзива, се обидува да го пресече копнениот коридор кон Крим, кој беше анектиран од Русија во 2014 година.






Со ова Киев би ја преполовил територијата окупирана од Русија во јужна Украина и со тоа значително ќе ги искомплицира линиите за снабдување на руските сили. Последните тврдења и од Украина и од Русија не се независно потврдени.

-По консолидирањето на нашите позиции на крилата на селото Роботинe, го отвораме патот кон Токмак и, на крајот, кон Мелитопољ и административната граница со Крим – изјави Кулеба на неодамнешниот состанок на амбасадорите во Париз.

Стратешки важните градови Токмак и Мелитопољ се под руска окупација и се клучни воени и логистички центри за Русија. Кулеба нагласи дека украинската контраофанзива – започната на почетокот на јуни – продолжува, но призна дека тоа е „исклучително тешка“ задача.

-Бројот на мински полиња и утврдувања е без преседан. Во воздухот доминираат руски дронови, хеликоптери и авиони. Но, постепено успеваме – истакнува Кулеба.

Во вчерашниот извештај за состојбата на бојното поле, украинската армија објави дека нејзините сили „имале успех“ во правец јужно и југоисточно од Роботинe. Од друга страна, руската армија тврди дека нејзините војници „одбиле девет напади“ на украинските сили во областа Роботинe, како и околу селото Вербова на југоисток.

Русија која тврди дека подготвила три одбранбени линии на југ – постојано ја опишува украинската контраофанзива како целосен неуспех, кој ги чини многу животи и има мал напредок.

Американскиот институт за проучување на војната (ISW) соопшти дека „на 29 август, украинските сили продолжија да напредуваат источно од Роботина, додека во исто време продолжија да обезбедуваат позиции во самото место“.

Украина тврди дека ја пробила првата руска одбранбена линија во близина на Роботина, а нејзините сили сега имаат намера да се движат понатаму на југ за да стигнат до позиции што ќе им овозможат да ги нападнат сите градови окупирани од Русија на брегот на Азовското Море.

Но, се верува дека Русија изградила километарски систем од ровови и тунели, како и ископани артилериски места и бетонски противтенковски бариери познати како „змејски заби“. Москва се надева дека ова ќе помогне да се запре понатамошниот напредок на Украина.

Киев ја започна својата контраофанзива откако обезбеди модерно оружје од своите сојузници на Запад и подготви јуришни баталјони. Украинскиот врв вели дека им треба повеќе западно оружје, особено тенкови, опрема за деминирање и воени авиони – како што се американските борбени авиони Ф-16 – за да ја оспори воздушната надмоќ на Русија и да ги врати окупираните територии.

 

Поврзани содржини