ОТВОРАЛ ШКАФ ПО ШКАФ, КРАДЕЛ ПАРИ И БЕГАЛ Хаос на Клиниката за онкологија, фатен 17-годишник

Посебно загрижува тоа што едниот инцидент Клиниката го пријавила дури една недела подоцна, а сомнежот за можна злоупотреба на доверливи материјали не е исклучен.

3,852

Вистинска драма се одвивала на Клиниката за онкологија во Скопје, каде за само неколку дена биле обиени повеќе од 18 шкафови, кои ги користеле вработените. Во еден од случаите, внатрешноста на собата била претресена, а во другиот – однесени биле и пари и лични предмети.

Посебно загрижува тоа што едниот инцидент Клиниката го пријавила дури една недела подоцна, а сомнежот за можна злоупотреба на доверливи материјали не е исклучен.






Главната сестра на Клиниката Андријана Филиповска вели дека не недостасуваат лични предмети на лекарите, но не можат да бидат сигурни околу картичките за лекови, дали некои од тие документи недостасуваат – затоа што во просторијата се чувале такви картички и за период од 10 години наназад.

Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека во последните денови имале повеќе пријави од Клиниката за радиологија и онкологија во Скопје.

Според официјалните информации, првиот случај се случил на 2 април, кога непознат сторител насилно отворил шкафови во соба наменета за персонал. Иако не било одземено ништо, било извршено претурање, по што лицето го напуштило местото.

Вториот, многу посериозен инцидент, се случил на 8 април точно на полноќ, кога биле обиени дури 18 заклучени шкафови, а од нив биле украдени пари и други вредни предмети.

„На 08.04.2025 во 00.00 часот од Клиниката за онкологија при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, полициски службеници од Полициската станица Центар лишиле од слобода 17-годишник од Скопје поради постоење основи на сомнение дека насилно отворил 18 шкафови на персоналот кои претходно биле заклучени, при што одзел пари и други предмети. Со малолетникот бил извршен службен разговор во присуство на родител и бранител, а со потврда од него биле одземени предметите. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок“, велат од МВР.

Полицијата реагирала веднаш и на самото место привела 17-годишник од Скопје, за кој постои сомнение дека го извршил делото. Со него бил извршен службен разговор во присуство на родител и адвокат, а биле пронајдени и одземени предметите за кои се сомнева дека се украдени. По целосно документирање, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Поврзани содржини