ОТКРИЕН НОВ ЦРТЕЖ НА ВАН ГОГ По 100 години еве го „Исцрпениот старец“ во молив ФОТО

Уметникот започнал со цртање решетка на хартија, што ни кажува дека работел со перспективна рамка за да му помогне брзо да сними фигура со правилни пропорции. Потоа го изработил листот во неговиот карактеристично експресивен стил на цртање: не e префинет, но со енергични гребнатини и потези и поставување на контурите, во потрага по бујна слика со посебно внимание на ефектите на светлината и сенката, велат истражувачите.

370

Цртеж во молив од исцрпен старец кој во агонија седи на столче фаќајќи се за главата е откриена после 100 години и вчера беше за првпат изложена во Амстердам, пишува Би-Би-Си. Скицата, за која се шпекулира дека е за сликата која е позната како „Истрошеност“ се наоѓала во приватна колекција на едно семејство од Холандија.

Погледнете го агоничниот старец.






EPA-EFE/KOEN VAN WEEL

Студијата за „истрошени“ луѓе веројатно била направена на почетокот на кариерата на уметникот, негде во 1882 година, соопшти музејот „Ван Гог“ во четвртокот. Малиот цртеж со молив, потпишан „Винсент“, прикажува постар човек, работник облечен во елек, панталони и чизми, кој седи на дрвен стол со главата во рацете.

– Овој цртеж досега никогаш не бил виден никаде. Првпат е да излезе на отворено – вели Тио Мидендорп, виш истражувач во музејот Ван Гог.

Тој за Би-Би-Си рече дека е „апсолутно невозможно“ да се каже колку вреди скицата во молив.

Изгледа дека Ван Гог го искористил цртежот како основа за малку поинаква верзија на цртежот кој го направил бргу потоа, верзија која тој ја претпочитал и која моментално се наоѓа во колекцијата на музејот под наслов „Истрошеност“.

Уметникот ја направил студијата за „Истрошеност“ кога живеел во Хаг и сè уште учел да црта на свои 29 години. Експертите велат дека цртежот им нуди исклучителен увид во работниот процес на Ван Гог од тоа време.

Директорката на музејот, Емили Горденкер, рече дека тимот е „воодушевен од ова откритие“.

– Многу сме среќни што дадовме придонес во нашата специјализирана област. Ретко се случува ново дело да му се припише на Ван Гог. Горди сме што можеме да го споделиме овој ран цртеж и неговата приказна со нашите посетители – рече таа.

Сопственикот на делото, кој сака да остане анонимен, побара од музејот да утврди дали цртежот може да му се припише на Ван Гог.

Според Тио Мидендорп цртежот и те како е на Ван Гог:

– Во стилска смисла, совршено се вклопува со многуте студии за фигури што ги знаеме од времето на Ван Гог во Хаг и врската со „Истрошеност“ е очигледна – вели истражувачот.

Ван Гог се грижел за перспективата и пропорциите во неговите слики:

– Уметникот започнал со цртање решетка на хартија, што ни кажува дека работел со перспективна рамка за да му помогне брзо да сними фигура со правилни пропорции. Потоа го изработил листот во неговиот карактеристично експресивен стил на цртање: не префинет, но со енергични гребнатини и потези и поставување на контурите, во потрага по бујна слика со посебно внимание на ефектите на светлината и сенката – вели Тио. И додава:

– Во однос на материјалите, исто така, ќе најдете сè што би очекувале на цртежите на Ван Гог од овој период: дебел столарски молив, груба акварелна хартија како потпора и фиксирање на јагленот со раствор од вода и млеко.

Истражувачите дури можеле да ги препознаат и оштетувањата кај цртежот:

– Има траги од оштетување во аглите на задниот дел од цртежот, што можеме да го поврземе со начинот на кој Ван Гог вообичаено прикачуваше листови хартија на неговата табла за цртање – заклучува Тио Мидендорп.

Поврзани содржини