Осум деца и пет негувателки во изолација во кумановска градинка поради коронавирусот
Осум деца од јасли и 5 негувателки се во изолација откако нивна колешка од градинката „Ангел Шајче“, во објектот „Развигорче“ во Куманово е позитивна на коронавирус.
Од Центарот за јавно здравје во Куманово велат дека сите деца се без симптоми на ковид-19, но нивната здравствена состојба ќе се следи, пренесува СДК.мк.
– Пред два дена добивме лабораториски потврден случај на ковид-19 на негувателка во група јасли, која работи со мали деца. Направена е епидемиолошка анкета, разговор со одговорната, контактирани се родителите на децата кои во тој период ја посетувале градинката и заклучено е дека треба под надзор и во изолација да се стават 5 вработени и 8 деца од одделот јасли 1 и 2, кои во последните 14 дена имале контакт со воспитувачката. Сите деца се без симптоми и се следи нивната здравствена состојба од матичните лекари – велат од Центарот за јавно здравје во Куманово.