ОСУДИ ЗА ЗАКАНИТЕ НА АПАСИЕВ КОН КАНАЛ 5 Недозволив политички притисок врз телевизијата и врз рекламерите, реагира МАН
Го повикуваме Димитар Апасиев да се извини, а надлежните институции, пред сè обвинителството, да реагираат по ваквите закани“ – се вели во реакцијата на МАН.
Македонската асоцијација на новинари (МАН) ги осудува заканите од Димитар Апасиев пратеник и претседател на политичка партија упатени до Канал 5 ТВ и директорот Иван Мирчевски.
„Заканите за „војна“, „системски организирана кампања“ се сериозни закани по слободата на изразување која е гарантирана со Уставот, но и по слободата на претприемништво. Со својот статус на социјалната мрежа Фејсбук, Апасиев како пратеник и претседателот на политичката партија се заканува со последици по финансиската егзистенција на Канал 5 ТВ и врши политички притисок врз компании – деловни партнери, што е кривично дело – злоупотреба на службена положба од позиција на пратеник кој се заканува со употреба на својата политичка моќ.
Не му е прв пат на овој претседател на партија да се заканува, да шири говор на омраза, навреди и клевети против новинари и против медиуми. И во овој случај, тој напиша куп навреди и клевети против директорот на Канал 5 ТВ Иван Мирчевски, за што го повикуваме Димитар Апасиев да се извини, а надлежните институции, пред се обвинителството, да реагираат по ваквите закани“ – се вели во реакцијата на МАН.