ОСТАВКАТА НА ЗАЕВ ЌЕ ЗНАЧИ ОСТАВКА НА ЦЕЛАТА ВЛАДА Што предвидува Уставот во вакви случаи?
„Оставката на претседателот на Владата, неговата смрт или трајната спреченост да ја врши функцијата, повлекуваат оставка на Владата“, се наведува меѓу другото во членот 93 од Уставот.
Премиерот Зоран Заев вчера најави дека ќе поднесе оставка од функцијата. Тој ќе мора за тоа на писмено да го информира претседателот на Собранието, а неговото повлекување значи и оставка на целата влада.
Со оставката на Зоран Заев од премиерската функција, во оставка е и целата влада. Тоа го предвидува членот 93 од Уставот. Прв услов за тоа е најавената оставка на прес-конференцијата во неделата, Заев да ја достави и на писмено до претседателот на Собранието Талат Џафери. Додека тоа не се случи, формално-правно, премиерот и актуелната влада можат да продолжат со работа.
„(…) Оставката на претседателот на Владата, неговата смрт или трајната спреченост да ја врши функцијата, повлекуваат оставка на Владата“, се наведува меѓудругото во членот 93 од Уставот.
Процедурата потоа е слична како и при изборот на нов состав на Собранието. Имено, шефот на државата е должен во рок од десет дена мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.
Потоа, мандатарот има рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесе програма и да го предложи составот на Владата.
Заев вчера поднесе оставка откако неговата СДСМ убедливо загуби на локалните избори во земјата.
– Ја преземам одговорноста на себе. Поднесувам оставка од премиер и претседател на СДСМ. Им честитам на сите прогресивни граѓани кои се бореа силно за интегрирана Северна Македонија – рече тој.
Според она што го најави Заев, планот е и во наредниот период мандатот да остане во рацете на СДСМ и да се заокружи четиригодишниот мандат добиен минатата година во коалиција со ДУИ и другите партии.
– Останувам на ставот дека не треба да има вонредни парламентарни избори. Претстојат одлични и неповторливи 2,5 години за работа и економски успеси од кои корист ќе има целиот народ и државата – рече Заев.
Во меѓувреме, СДСМ ќе треба да избере и нов партиски лидер, а дали тој ќе го преземе и премиерското место засега е непознато.
Уставот на нашата земја предвидува и дека оставката на премиерот треба да ја констатира Собранието во следните два члена:
Во член 219 од Деловникот на Собранието, пак, стои дека „Владата, претседателот на Владата или член на Владата можат да поднесат оставка. Оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи … Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на Републиката“.
Во член 220 понатаму се вели дека „Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на претседателот на Владата, на Владата или на член на Владата, мандатот им престанува на денот на одржувањето на седницата“.
Заев прес-конференцијата во седиштето на партијата не најави што понатаму, кој би го презел кормилото во партијата, ниту пак кој би ја презел челната позиција во Владата, јавува МИА.