ОСТАНЕТЕ ВО МАКЕДОНИЈА, БОРЕТЕ СЕ СО ВАШИОТ УМ, ИСПРАВЕТЕ СЕ! Мицкоски се обрати пред младите од ВМРО-ДПМНЕ
Македонија има потреба од вашиот ум, од вашата креативност, од вашиот немир што го менува светот. Јас подавам рака на младите и го немаме повеќе луксузот да не успееме. Вашата генерација мора да успее. Ова е последната шанса за успех, порача Мицкоски во обраќањето на 34 Конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
Секогаш со посебна инспирација и чувство на почит и емпатија говорам на настаните на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што тука е цветот на младоста. Многу млади луѓе со силни амбиции, различни погледи, многу желби и идеи, но само еден мотив кој води низ сите премрежја, низ сите бури и искушенија – тоа е желбата да изградиме иднина за генерациите кои следат, заедничка иднина тука во нашата татковина Македонија, изјави премиерот на Владата, Христијан Мицкоски и претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
– Благодарен сум што го чувате огнот на Македонија, ги продолжувате приказните и идеите на се она на што се темели нашата партија, и тоа не се само основачите од деведесеттите кои длабоко ги почитуваме, туку и идеите на Илинденците кон кои секогаш сме се поклонуваме. Тука се и идеите и заветот на многу големи умови на македонското револуционерно дело, кои ја создавале и се бореле за оваа македонска држава, кои со чест и дело се жртвувале за идеали, за нашата слобода, нашето право на самоопределување, во тешки и невозможни услови, кои никогаш не се откажувале, не затоа што било лесно, туку затоа што верувале и кога многумина ги откажувале, и затоа што пишувале историја тогаш и кога ги негирале. Имале визија, ум и непоколеблива храброст. И никогаш не се откажувале – истакна премиерот Христијан Мицкоски на обраќањето на 34 Конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој истакна дека нема член на партијата кој нема силно изразено чувство на припадност кон Унијата.
– Тука сме растеле, тука сме созревале, тоа е едно заедничко семејство за кои многумина од нас било местото на првите чекори во политиката, првите ангажмани, првите дебати, првите политички акции. И од тука се почнувало, тука созревале многу млади потенцијали, кои подоцна се реализирале во заедничките цели. И гледам колку многу ве има, колку само енергија давате, знам дека ВМРО-ДПМНЕ и Македонија имаат иднина – додаде Мицкоски.
Тој на претставници од Унијата на млади им порача дека работите може заедно да ги сменат само доколку отворено се пристапува и отворено се разговараме, но и ако заедничка е борбата за таа цел.
– Моето срце се распарчува кога ќе ги видам празните клупи по факултетите, празните улици по градовите и полните автобуси и авиони со млади луѓе кои си заминуваат. Загубените генерации не потсеќаат на времето и не-делата што ги направија, и затоа кога зборувам за тоа што наследивме, тие кои не доведоа до тука не им се слуша. Но во исто време знам дека народот е уморен од изговори, од меѓусебно префрлање на вината и одбегнување на одговорност за работите кои се заеднички важни. Затоа денес секој чекор кој го преземаме е да ја вратиме надежта и создадеме систем на ред и одговорност. За тоа ни е потребна мобилизација и шанса за секој еден човек кој сака искрено да работи и покажуваме дека може поинаку. Никогаш не ви ветив чуда, невозможни работи, но затоа беспоштедно и максимално се борам за секој еден човек и за заедничката иднина. И мора да го смениме системот и да ја вратиме надежта – истакна премиерот и лидер на владејачката партија.
И знајте – денес не ве повикувам само да се надевате, ве повикувам да се вклучите, да се борите, да се исправите. Затоа што никој нема да ни ја даде иднината на тацна – ќе мора сами да си ја изградиме, тула по тула, борба по борба, ден по ден, истакна Мицкоски.
– И затоа сакам денес да ви порачам: останете тука. Борете се тука. Градете тука. Македонија има потреба од вашиот ум, од вашата креативност, од вашиот немир што го менува светот. Јас подавам рака на младите и го немаме повеќе луксузот да не успееме. Вашата генерација мора да успее. Ова е последната шанса за успех – им порача Мискоски на младите.