ОСОМНИЧЕНИТЕ ЗА СЛУЧУВАЊАТА ВО М-НАВ МОЖЕ ДА СЕ ДАДАТ ВО БЕГСТВО Обвинителство ја објави жалбата за одлуката на Кривичен суд
Обвинителството ги има и ги приложи сите докази дека постои реална опасност четворицата осомничени кои се лишени од слобода да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоци (вклучувајќи ги и оштетените, но и осомничените кои се уште се недостапни), како и да го повторат делото, велат од ОЈО.
Јавниот обвинител во својата жалба до Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје детално ги образложи причините поради кои смета дека одлуката на судијата на претходна постапка да не определи мерка притвор за осомничените во случајот со М-НАВ е неоснована, информираат од Јавното обвинителство.
„Обвинителството ги има и ги приложи сите докази дека постои реална опасност четворицата осомничени кои се лишени од слобода да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоци (вклучувајќи ги и оштетените, но и осомничените кои се уште се недостапни), како и да го повторат делото. Во однос на обележјата на кривичното дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај од член 303 од КЗ опишано во ставот 2 oд тој член, тие се исполнети со самата можност да се загрози безбедноста на аеродром за меѓународeн воздушен сообраќај со акт на насилство и не е неопходно да настапила катастрофална штетна последица во смисла на тешка повреда, смрт или уништување“, информираат од Јавното обвинителство.
Од Основен кривичен суд Скопје по реакциите кои произлегоа од неправосилните одлуки на Судот за случувањата во М-НАВ, денеска излезе со соопштение дека Судот постапува пред се врз основа на приложената документација/докази доставени од ОЈО и МВР и врз основа на слободно судиско убедување.
„Имено, неспорно е дека настан од кривично правен аспект постоел, па затоа со цел да се овозможи непречено водење на кривичната постапка односно истрага од страна на надлежен обвинител, судот смета дека е неопходно да се обезбеди присуство на осомничените лица. Но, потребно е да се знае дека во наредбата за истрага за конкретниот настан опфатени се 8 лица, а до овој момент доставен е предлог за определување мерки за обезбедување присуство, како и докази за нивна инволвираност, само за четворица“, се вели во реакцијата од Кривичен.
НЕМА ДОВОЛНО ДОКАЗИ ЗА ПРИТВОР Од Кривичен суд ја објаснуваат одлуката за случајот М-НАВ