ОСНОВНАТА КАМАТНА СТАПКА ОСТАНУВА 5,35% Народна банка го здржува внимателниот карактер на монетарна политика
Извршниот одбор на НБ оцени дека сегашната поставеност на монетарната политика е соодветна на економските услови, имајќи ги предвид и присутните ризици од надворешното и од домашното окружување.
Народната банка ја задржува основната каматна стапка на 5,35%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена остануваат на нивоата од 3,95% и 4%, соопшти централната банка по седницата на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика.
На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за светската и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
Одборот оцени дека сегашната поставеност на монетарната политика е соодветна на економските услови, имајќи ги предвид и присутните ризици од надворешното и од домашното окружување.
Понудата на благајничките записи на редовната аукција ќе биде исто така непроменета, односно ќе изнесува 10 милијарди денари.
– Со ваквата одлука се задржува внимателниот карактер на монетарната политика – велат од Народна банка.
„Комбинацијата на досегашните мерки — тековните каматни стапки, промените кај задолжителната резерва и применетите макропрудентни мерки — е насочена кон јакнење на ценовната стабилност на среден рок и кон зачувување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото“ се наведува во соопштението.
Оценето е и дека досегашните остварувања кај инфлацијата се малку над очекувањата, што покажува одредени продолжени ефекти и потреба од претпазливост. Имено, во мај 2025 година годишната стапка на инфлација забрза и изнесува 3,3%.
„Ризиците за идната динамика на инфлацијата и натаму постојат и се поврзани со продолжената неизвесност од променливото надворешно окружување, но и со домашни фактори коишто делуваат на побарувачката“, наведуваат од НБ.
Одборот оценил и дека состојбата на девизниот пазар и натаму е стабилна, а економската активност во првиот квартал на 2025 година и натаму расте и изнесува 3,0%, слично на остварувањата во претходните два квартала и согласно очекувањата.
„Остварувањата во монетарниот сектор покажуваат натамошна солидна кредитна поддршка на економијата, којашто е над очекуваната динамика“, се наведува во соопштението.