Османофобија
Проблемот не е кај народот кого го плаши. Проблемот е како да се најде излез од лавиринтот во кој власта влезе самата. Никој не зборува за штетноста на Договорот за пријателство со Бугарија, од кој сѐ произлезе. Да немаше таков штетен договор, ќе имавме и нормална преговарачка рамка. Се повторува нашето дипломатско дилетанство.
Неблагодарно е да се пишуваат колумни во ударните месеци на т.н.годишни одмори, посебно не во месецот август. Објаснувањето би зазело половина од колумната, посебно поради опасноста да бидат погодени циркуските кловнови, кои чесно го зароботуваат лебот во циркуските арени и шатори, а кои пежоративно и неоправдано ги нарекуваме „Глупи Август“. Останатите кловнови на политичката сцена се имуни од такви комплименти, бидејќи примиле соодветна вакцина со денот на стапување на политичката арена. Фелини најдобро го објаснил феномент на изедначување на паметниот и глупавиот кловн, кои редовно гушнати ја напуштаат циркуската арена со големи аплаузи на публиката, често симнујвајќи ги маските и покажувајќи ги своите тажни ликови.
Имам необичен хоби да ги истражувам, секако аматерски, етимолошкото значење на имињата, од кои често се изведени и презимењата. Пред речиси една година го анализирав името Бујар, на нашиот министер за надворешни работи. Во колумната наведов дека името Бујар е синоним на великодушност, широкоградост, несебичност, галантност, милосрдност, толерантност и племенитост. За еден хирург тоа се очекувани доблести, што е во склад и со Хипократовета заклетва. Но, во дипломатијата постојат поинакви аршини, бидејки тоа е друга професија.
Во толкувањата на Спогодбата за пријателство со Бугарија од 2017 година и на т.н. француски предлог усогласен со Берлин, а породен во бугарското собрание (пред тоа, по дипломатски пат, со ова запознаен и Брисел, односно сите држави членки на ЕУ), министерот Османи покажа значителен дел на потеклото на своето лично име. Пред се, галантност и широкоградост во однос на бугарските барања. Истовремено, со прифаќањто на преговарачката рамка со потпишаните протоколи, од кои на еден и самиот го ставил својот потпис, Османи покажа милосрдие и толеранција.
Инаку, името Осман, од кое е изведено и презимето Османи, има арапско потекло со повеќе значења, меѓу кои и младенче на змија. По толкувањето на името Осман, се наведуваaт личности предодредени за големи височини во кариерата, така што многумина се прашувале како успеваат да се справат со различини проблеми. Тоа, пак, покажува дека нашиот министер е силна личност со голема самодовеба и има шанси да стане изразен лидер, дури да води и држави, како своевремено неговиот имењак, Султанот Осман Први, творец на Османлиското царство.
Што се однесува на лидерските амбиции, тој веќе беше министер за здравство, вицепремиер за ЕУ-интеграции и сега е актуелен министер за надворешни работи во најчувствителниот период на најновите позционирања на светската политичка сцена.
Министерот Османи до таа мера е племенит и великодушен, што дури и на дебатите околу промената на нашиот Устав и влегување на Бугарите во Уставот, гледа хамлетовски. Тие што се против промената на Уставот под диктатот на Бугарите ги класифицира како руски ботови, а ти што се „за“ ги глорифицуира како Европејци, при што прави две изнудени (Вашингтон и Брисел) грешки.
Прво, непотребно ја иритира Русија (таквите дипломатски гафови кај нас се редовни, своевремено ги избркавме Кинезите од Скопје), која нѐ вброи во непријателски држави, со што се блокира и активноста на нашата амбасада во Москва, посебно дејноста на нашиот амбасадор, кој сега тешко може да влезе во монументалната сталинистичка грдосија на Садовоје каљцо, кадешто е сместено руското МНР. Со тоа се обезвреднува нашето председавање со ОБСЕ, институција која веќе го изгубила реномето и станала прибежиште на добро платени чиновници и функционери, посебно на врвните на кои им отскочна штица на напредување во меѓународните гремиуми.
Второ, како председавач на ОБСЕ, министерот Османи презентираше некаков план во девет точки за нормализација на ситуацијата на Косово ( на 3 јуни о.г.). На веб-страницата на ОБСЕ нема никаква информација за тоа. Тој план не е план на ОБСЕ, туку на владата на Република Северна Македонја и негов личен став, како што самиот наведува, напоменувајќи дека негова улога е како претседавач со ОБСЕ да понуди решение за деескалација и дека е еден од комплементарните обиди со останатите меѓународни организации да се деескалира и да се нормализира ситуацијата и двете страни да му се вратат на дијалогот започнат во Охрид. Што, пак, значи дека неговиот план е фолоу-ап од средбата во Охрид (18 март о.г.) меѓу српскиот претседател Вучиќ и косовскиот премиер Курти, во присуство на Борел, висок претставник на ЕУ за надворешната и безбедносната политика и Лајчак, специјален пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина.
Се разбира дека во вилата „Билјана“ најзадоволни беа премиерот Ковачевски и министерот Османи, пред сѐ поради изборот на градот на средбата, што асоцира на успешниот Охридски договор од 2001. Се разбира задоволен беше и Ескобар, специјален пратеник на САД за Западен Балкан, пред се што клучниот збор на Вашингтон – нормализација на односите меѓу Белград и Приштина – во Охрид беше усмено прифатен од сите страни.
Со оглед дека ЕУ ја води играта на Косово и има дадено три предлози за деескалација, планот на министерот Османи личи на самопромоција на големиот надворешно-политички стратег, чии што крајните амбиции не се целосно исполнети. А кои се тие – наскоро ќе видиме.
Трудољубљивиот министер Османи успева сѐ да постигне. Портпарол е на зелената партија, решава кадровски проблеми во ДУИ, гаси пожари предизвикани од „огнените“ и го едуцира народот за безопасноста на измените на Уставот и за бенилноста на преговарачката рамка и на потпишаните протоколи, со засукани ракави на белата кошула со што покажува американски стајлинг, цртајќи на школската табла од времето кога јас сум одел на училиште.
Во рамките на добрососедските односи, министерот Османи можеше да го замоли претседателот Вучиќ да му ја позајми скапата кинеска електронска табла. Тоа можеше да го направи за време на чествувањето на Илинден во манастирот „Прохор Пчињски“, заедно со полубалканецот, претседателот Пендаровски. Во таа прилика од српскиот владател можеше да добие идеја како да се справиме со Бугарите, цитирајќи ја изјавата на неговит министер Дачиќ дека „ако во Бугарија нема Срби, нема Бугари ниту во Србија, и проблемот со положба на малцинството е решен“. Османи секако не би бил задоволен со ваквиот братски совет.
Наместо да црта и д брише по таблата со илустрации слични на оние во детските списанија за предшколска возраст, министерот Османи, како експерт за функционирање на ЕУ, посебно за пристапниот период, требаше суштински да го објасни проблемот. Имено, сѐ она што сега ни објаснува го прави пост фестум. Објаснува нешто што владата сама си го подготвила и сега бара чаре.
Проблемот не е кај народот кого го плаши. Проблемот е како да се најде излез од лавиринтот во кој власта влезе самата. Никој не зборува за штетноста на Договорот за пријателство со Бугарија, од кој сѐ произлезе. Да немаше таков штетен договор, ќе имавме и нормална преговарачка рамка. Се повторува нашето дипломатско дилетанство. При приемот во ООН прифатвме дополнителни услови, со што не се испочитува и Повелбата на ООН. Со Преспанскиот договор ни го сменија името. И не само тоа, сега покрај Копенхашките критерии, ЕУ воведува до сега непознати услови.
Османи треба да признае дека сегашната ситуација кај нас е пораз на македонската дипломатија која тој ја предводи. За разлика од Бугарија, која има постојана национална програма, ние немаме национално единство. Се стекнува впечаток дека имаме политичари кои со своите постапки придонесуваат за кинење на македонско национално ткиво, што им одговара на Бугарите, но не само на нив. Последен е примерот со прославите на Илинден во Република Македонија и во Бугарија.
Промената на министрите за надворешни работи во контекст на партиските пазарања, не го решаваат проблемот. Важна е институцијата со која раководат, а која не функционира. Министрите не мислат на институцијата со која раководат. Тие треба да се креатори, а не послушни партиски извршители. Само така нашата дипломатија после 30 години може да се извлече од калта.
Станавме министертво за компромитација. Ги наведувам последните два примера.
Официјалното соопштение на МНР дека амбасадорот од Токио е повлечен поради незадоволството со неговата работа, макар што од објавениот текст се стекнува печаток дека се работи за протерување , а не за повлекување. Давање на рок од 5 дена да се врати, во дипломатски жаргон, значи протерување. Всушност, повлечениот ни амбасадор е повеќе од месец дена во Скопје.
Вториот е на линија Мисијата на РМ во Њујорк – МНР. Исплатените пари, дел од сукцесијата од 3,4 милиони долари за продадениот имот на поранешната ни држава, сѐ уште е во касата на Мисијата, веројатно за подобрување на условите за нашите агилни дипломати, што секако е приоритет. Еден поранешен наш министер за надворешни во функција на амбасадор во истото претставништво, поради таквата амбиција, даде оставка, што МНР спремно ја прифати. Сегашниот амбасадор молчи.
Но, конечно да се вратам на насловот од летнава колумна. Министерот Османи повеќе пати предпредува дека невлегувањето на Бугарите во Уставот може да ги наруши меѓуетничките односи. Сега, кога Албанците кај нас ја доживуваат Периклевата ера на националната афирмација, сега кога кога доминираат на македонската политичка сцена, тие шират непотребна фобија меѓу граѓаните на нашата држава. Членство во НАТО и во ЕУ не ги елиминира можните етнички недоразбирања па дури и судири. Согласно на значењето на презимето Османи, нашиот уште малку министер треба да биде градител на европската архитектура, која очигледно не е завршена, како впрочем и францускиот архитект баронот Жорж-Ежен Осман, кој урбанистички е творец на градот на светлината.
На насс ни се потребни градители на македонскиот идентитет, со сите атрибути што му припаѓаат.