ОСЛОБОДИТЕЛНА ПРЕСУДА ЗА РАМИЗ МЕРКО Струшкиот градоначалник легално го набавил луксузното „ауди“
Судот утврди дека постапката за јавна набавка била спроведена без прекршување на законските процедури, а не постојат докази дека Мерко делувал со намера за лична или за политичка корист.
Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, доби ослободителна пресуда во предметот што се водеше против него за наводна злоупотреба на службената положба при набавката на службен автомобил „ауди“ во вредност од 67.000 евра.
Основниот кривичен суд во Скопје оцени дека нема доволно докази за да се утврди дека Мерко сторил кривично дело.
Судот утврди дека постапката за јавна набавка била спроведена без прекршување на законските процедури, а не постојат докази дека Мерко делувал со намера за лична или за политичка корист.
Адвокатот на Мерко, Игор Петковски, изјави дека пресудата потврдува оти целата набавка била спроведена транспарентно и во рамки на законот. Тој додаде дека вкупната вредност на службените возила изнесувала 114.000 евра, што исто така била предмет на интерес во јавноста.
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција го товари Мерко за злоупотреба на службена положба и овластување, но судот не најде доволно елементи за негово гонење.
Случајот доби поширок медиумски и јавен интерес поради тоа што Мерко е под санкции на американската администрација, која го стави на црната листа поради „сериозни индиции за коруптивно однесување и обиди за влијание врз судството“.
Македонскиот суд донесе одлука дека во овој конкретен случај на јавна набавка нема основ за кривична одговорност, со што градоначалникот на Струга беше ослободен од сите обвинувања.