ОСИРОМАШЕНИ, ПРЕИМЕНУВАНИ, АМА АВТОКЕФАЛНИ? Цариград ќе ни ја лапне дијаспората, ама и „тоа на М“ во името на МПЦ-ОА
Сѐ уште е непознато дали вселенскиот патријарх Вартоломеј е подготвен да го прифати предлогот на српскиот патријарх Порфириј, кој јасно и недвосмислено рече дека не му пречи името на црквата и дека нема да се меша во дијаспората на МПЦ-ОА. Во воздух виси прашањето дали Вселенската патријаршија е спремна да прифати автокефална МПЦ-ОА со „тоа на М“ во името, а не се знае што ќе биде и со македонската дијаспора, оти еден од условите на Цариград е да се одречеме од дијаспората и да му ја подариме на патријархот Вартоломеј.
Српскиот патријарх Порфириј потегна историски чекор со вчерашното издавање амин за доделување автокефалност на Македонската православна црква (МПЦ-ОА), но не само поради тоа што со таквиот потег се затвори 55-годишниот црковен спор, туку и поради фактот што Српската православна црква (СПЦ) стана една од ретките православни цркви која предлага и практично доделува автокефалност на друга православна црква, а Вселенската патријаршија да не игра клучна и одлучувачка одлука во целиот тој процес.
Сѐ до 20 век, односно цели 2.000 години, одлуката за доделување автокефалност на друга црква се носеше со главно посредништво на Вселенската патријаршија на чело со вселенскиот патријарх, но очигледно, сега, во 21 век, работите се менуваат и ние во моментов сме сведоци на еден сосема поинаков начин за доделување автокефален статус на една црква.
Дали работите се менуваат на подобро или на полошо ќе дознаеме наскоро по заедничката литургија што ќе ја отслужи поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан со вселенскиот патријарх Вартоломеј во Цариград.
Оти, за разлика од останатите помесни православни цркви (Руската, на пример), кои со радост ја примија веста и веќе испратија искрени честитки, сѐ до денеска непознато беше како вселенскиот патријарх Вартоломеј гледа на работите откако СПЦ ја врати МПЦ-ОА во канонско единство.
Цели шест дена од заедничката помирувачка литургија во храмот „Свети Сава“ во Белград му беа потребни на вселенскиот патријарх Вартоломеј за да го искаже својот став околу враќањето на МПЦ-ОА во канонското единство. Во интервју за грчката телевизија ЕРТ тој прилично резервирано вели дека отстранувањето на повеќедецениската шизма е историски момент, но и признава дека „уште пред одлуката на Вселенската патријаршијата постоел дијалог меѓу црквите на Македонија и Србија“.
Тоа што сега нас треба да нѐ интересира е дали патријархот Вартоломеј е подготвен да го прифати предлогот на српскиот патријарх Порфириј, кој јасно и недвосмислено рече дека не му пречи името на црквата и дека нема да се меша во дијаспората на МПЦ-ОА. Буквално во воздух виси прашањето дали Вселенската патријаршија е спремна да прифати автокефална МПЦ-ОА со „тоа на М“ во името, а не се знае што ќе биде и со македонската дијаспора, оти еден од условите на Цариград е да се одречеме од дијаспората и да му ја подариме на вселенскиот патријарх.
– Ја отстранивме шизмата, прогласивме дека влегуваме во евхаристиска заедница со нив. Ја нарековме нивната црква Охридска архиепископија, го исклучивме терминот ‘македонска црква‘ и било каков изведен збор од зборот ‘Македонија‘. Ги ограничивме границите на јурисдикцијата во границите на територијата на Северна Македонија, како што се вика денес и сите дополнителни административни прашања ѝ ги доделивме на Светата црква на Србија, со предуслов, овие останати работи да бидат врз основа на светоканонскиот чин и вековните пракси на целата православна црква – рекол вселенскиот патријарх Вартоломеј.
Постојат реални ризици
Андреја Богдановски, докторанд на Универзитетот во Бакингем, Велика Британија, во изјава за Плусинфо вели дека постои ризик од евентуална поларизација во православието доколку процесот не се одвива преку еден координиран и искрен пристап кај главните чинители СПЦ, МПЦ-ОА и Цариград.
Прашањето за начинот за доделувањето на Томосот за автокефалија има потенцијал да ја возобнови дебатата за улогата на мајката-црква, останатите помесни цркви и вселенскиот патријарх во процесот на доделување на автокефалија.
– Вселенскиот патријарх Вартоломеј беше јасен во својата одлука од 9 мај околу името на црквата, а тоа е дека ја признава црквата предводена од архиепископот Стефан како „Охридска” без името „Македонска“. Новите околности околу спремноста на СПЦ да даде автокефалија не мислам дека менуваат нешто суштински во неговата перцепција по однос на ова прашање која е втемелена со години. И покрај тоа што СПЦ во случајот нема противење во однос на користењето на целосното име на МПЦ-ОА, во првичното соопштение од 16 мај СПЦ препорачува дека МПЦ-ОА треба да го реши официјалното име со грчките цркви и останатите помесни цркви. Впрочем и самата МПЦ-ОА со цел одблокирање на процесот покажа подготвеност да биде нарекувана како Охридска Архиепископија. Гледаме сличен пристап и со последните писма испратени од државниот врв до Вселенската патријаршија – појаснува нашиот соговорник.
Прашањето за начинот за доделувањето на Томосот за автокефалија, додава тој, има потенцијал да ја возобнови дебатата за улогата на мајката-црква, останатите помесни цркви и вселенскиот патријарх во процесот на доделување на автокефалија.
– Постои ризик од евентуална поларизација во православието доколку процесот не се одвива преку еден координиран и искрен пристап кај главните чинители (СПЦ, МПЦ-ОА и Цариград). Да не заборавиме дека во првичното соопштение на СПЦ од 16 мај беше наведена потребата за сеправославна согласност и прифаќање на конечниот статус на МПЦ-ОА. Истовремено, српскиот патријарх Порфириј во текот на вчерашниот ден не го спомна Вартоломеј кога зборуваше за наредни чекори, туку кажа дека СПЦ прифаќа, признава и одобрува автокефалност и дека за тоа останатите цркви следејќи го канонскиот редослед ќе бидат информирани и повикани и тие да го прифатат автокефалниот статус на МПЦ-ОА – објаснува Богдановски.
Наредните чекори, појаснува тој, се формализација на одлуката донесена за автокефалија дадена од страна на СПЦ преку договор со МПЦ-ОА за техничко-административните прашања кои произлегуваат од ваквиот чекор.
– Како јавност сѐ уште не сме запознаени со деталите од преговорите помеѓу СПЦ и МПЦ-ОА, па така не можеме со сигурност да кажеме што точно имплицира сето ова. По слободна волја на толкување ова може да се однесува на завршување на техничките процедури кои би требало да произлезат од сослужувањето на архиепископот Стефан и српскиот патријарх Порфириј минатиот четврток и прифаќањето на МПЦ-ОА да биде привремено со статус на автономна црква, сѐ до издавањето на Томос за автокефалија. Во овој корпус на прашања би ги вброил и уредувањето на статусот на Православната охридска архиепископија (ПОА) со оглед на новите околности и Томосот за автономија издаден на оваа црква во 2005 година, како и идниот статус на раководството на ПОА. Мислам дека постојат низа зафати како од македонска, така и српска страна, кои се потребни за да се дојде до чиста процедура – вели Богдановски.
Ќе има уценувања и условувања
Српскиот верски аналитичар Жељко Ињац во разговор за „Локално“ смета дека Вселенската патријаршија секако ќе се обиде да ја потчини новата македонска црква, како што тоа го направи со расколничката црква во Украина, давајќи ѝ еден вид полуавтокефалност со создавање црква што повеќе личи на парохија отколку на локална црква, за да ги оправда своите неопапистички претензии.

– Но, единствено валидно е тоа сите помесни цркви ја признаат Македонската црква под нејзиното целосно име и презиме, по древната православна практика. Вселенската патријаршија е мајка на сите словенски цркви, но не е мајка на сите цркви, таа е сепак Ерусалимска патријаршија. Сега во МПЦ-ОА мора да бидат мудри да не се согласат на уцени и на какви било услови во однос на името, јурисдикцијата или Томос, без разлика кој ќе го додели – порачува Ињац.
Српскиот аналитичар претпоставува дека вселенскиот патријарх Вартоломеј ќе направи нешто слично како српскиот патријарх, без давање Томос, но најверојатно нема да ја пропушти приликата да го нагласи неговиот наводен примат во православната црква и тоа ќе биде крај, барем во оваа фаза.
На прашањето дали најавениот Томос за автокефалност на МПЦ-ОА ќе важи и за епархиите надвор од територијата на Македонија, аналитичарот вели дека тоа ќе зависи од тоа кој ќе го додели Томосот.
– Ако го дадат Србите, ќе биде, како што се наведува во соопштението на Соборот на СПЦ, дека МПЦ-ОА ќе ја добие сета јурисдикција над своите верници, како во татковината, така и во дијаспората. Ако го даде Вселенската патријаршија, која има претензии кон дијаспората на сите помесни цркви, тешко дека МПЦ-ОА ќе ја задржи дијаспората. Тоа е сега борбата пред МПЦ-ОА за целосна јурисдикција над своите верници и балансирање меѓу СПЦ и Цариград. Српската православна црква не може повеќе од ова, а зад Вселенската патријаршија стојат моќни светски центри. Владиците од МПЦ-ОА и властите треба да бидат мудри да не се замерат со моќниците, а сепак да се изборат за своите права. На вашата црква и натаму ѝ претстои мачна и тешка борба да ја потврди својата духовна самостојност – порачува Ињац.
Руската црква го поздрави потегот на СПЦ
Признавањето на автокефалноста на црквата во Северна Македонија од страна на Српската православна црква е радосен настан, за кој се очекува да се разговара на следниот состанок на Светиот синод на Руската православна црква, изјави заменик-претседателот на Одделот за надворешни односи на Московската патријаршија, протојереј Николај Балашов.
– Се радуваме заедно со нашите браќа Срби и Македонци. Овој настан го чекавме многу години. И сега дојде часот на Божјата волја. Верувам дека Светиот синод на Руската православна црква ќе даде соодветен одговор на својот следен состанок – рече Балашов за ТАСС во врска со вчерашното обзнанување на српскиот патријарх Порфириј на заедничката ариерејска литургија во црквата „Свети Климент Охридски“ во Скопје дека Светиот архиерејски собор на СПЦ едногласно решил да го признае автокефалниот статус на Македонската православна црква – Охридската архиепископија.
Патријархот Порфириј кажа дека за оваа одлука ќе бидат известени сите помесни православни цркви според каконскиот ред со повик да го прифатат автокефалниот статус на МПЦ-ОА.