Орвеловска масовна контрола во ЕУ
Приврзаниците на предложеното законско решение тврдат дека станува збор, пред сѐ, за заштита на децата. Токму затоа добро упатените експерти во оваа проблематика предупредуваат дека користењето на детската перспектива како жртвено јагне е „провидно“, бидејќи општество кое ги следи сите ‒ не штити никого. Такво општество не би ги штитело ниту децата ниту возрасните, туку би станало сериозна закана за сите.
Веројатно звучи како научна фантастика, но предлогот на ЕУ за воведување на масовно набљудување е факт. Еврокомесарката за внатрешни прашања во претходниот состав на Европската комисија, Илва Јохансон, го туркаше ова прашање и покрај тоа што Европскиот парламент претходно гласаше против него.
Сега многумина предупредуваат дека доколку предлогот биде усвоен, тој ќе има последици многу полоши дури и од насекаде присутниот надзор на Големиот Брат во познатиот дистописки роман, футуристичко дело за тоталитарните владетели, „1984“ на Џорџ Орвел.
Критикуваниот предлог-закон на ЕУ за скенирање на дигитални комуникации, наречен „чет-контрола 2“, постојано наидува на нови отпори. Германија се спротивставува на „закон за масовно набљудување“ и неодамна изрази сомнежи во врска со тековниот компромис, презентиран од данското претседателство со ЕУ. Естонија и Луксембург се исто така критични.
Но, предлогот и понатаму добива поддршка. Шведската влада, за разлика од повеќе други земји-членки, останува позитивна. Затоа, иднината на ова прашање во Министерскиот совет на ЕУ е неизвесна во пресрет на следниот состанок што ќе се одржи на 14 октомври.
Но, и доколку Данска успее да состави текст што земјите-членки би можеле да го поддржат, сепак сè уште претстои долг пат пред нешто потенцијално да се промени за граѓаните на ЕУ. Првата, а можеби и најголемата пречка за „чет-контролата на разговорот“ да стане реалност, е тоа што верзијата на предлогот на земјите-членки треба да се синхронизира со верзијата на Европскиот парламент. Парламентот, всушност, веќе се согласи на значително поублажена верзија на предлогот од она што моментално се дискутира за време на данското претседателство.
Предлогот на ЕУ за скенирање на приватните комуникации (ЦСАМ) за да се спречи ширењето на материјали за сексуална злоупотреба на деца, беше презентиран од страна на Европската комисија во мај 2022 година.
Предлогот брзо наиде на оспорувања и доби прекар „чет-контрол“, бидејќи, како што велат критичарите, предлогот отвора можности целосно да се следи, всушност, сета комуникација. Тоа би значело масовно набљудување на приватниот „дигитален живот“ на сите граѓани на Унијата. Оттогаш, беа предложени разни компромиси, без да се добие доволно силна поддршка од ЕУ-членките.
Бидејќи разгледувањето на предлогот се одолговлекува, сегашните правила се продолжени до 2026 година, во исчекување на договор меѓу земјите-членки на ЕУ и Европскиот парламент.
Ако предлогот се усвои апликации како „Вајбер“, „Сигнал“ и „Вацап“ ќе мора да ги скенираат сите пораки, линкови и фотографии на корисниците, дури и кога се заштитени.
Дел од земјите членки на ЕУ сметаат дека ова ќе ја зајакне заштитата на децата, додека други предупредуваат дека може значително да ја загрози приватноста на корисниците. Експертите сметаат дека увидот во комуникацијата би можел да помогне во идентификацијата на предаторите и спречување злоупотреби. Сепак, постои ризик од прекумерен надзор и злоупотреба на таквите мерки.
Франција и Италија поддржуваат построги мерки за заштита на децата, додека Белгија, Австрија и Холандија предупредуваат за закана на слободата на информирање.
Од друга страна, критичарите укажуваат дека стратегијата што редовно се користи за да се протуркаат недемократски мерки или идеи што го загрозуваат интегритетот на граѓаните е тие да се оправдуваат со нивниот ефект во јакнењето на борбата против криминалот. Во случајот со „чет-контрол“, предложената регулатива се оправдува со фактот дека би можела да го спречи ширењето и да ги интензивира напорите за сузбивање на педофилијата.
Но, Европол веќе инсистираше на неограничен и нефилтриран пристап до сите податоци што ги собира контролата на разговорот, за да можат да се користат и против многу други видови кривични дела. Дури и „неинкриминиранита“ приватни слики би биле предавани на органите за спроведување на законот и би можеле да бидат квалификувани како сомнителни.
Приврзаниците на предложеното законско решение тврдат дека станува збор, пред сѐ, за заштита на децата. Токму затоа добро упатените експерти во оваа проблематика предупредуваат дека користењето на детската перспектива како жртвено јагне е „провидно“, бидејќи општество кое ги следи сите ‒ не штити никого. Такво општество не би ги штитело ниту децата ниту возрасните, туку би станало сериозна закана за сите.
Слободна личност не треба да бара дозвола од државата за да може да зборува приватно. Во секој случај, потребно е континуирано јакнење на борбата против сексуална злоупотребата на деца, но без притоа, како што потенцираат критичарите, „да се однесуваме кон секого како кон осомничен“ и да се воведува постојан надзор врз граѓаните што ги почитуваат и со ништо не ги прекршуваат законите.
Токму затоа, неопходно е повеќемина да се осмелат и да се спротивстават на лошата технологија и лошото законодавство, кои во основа ја гушат слободата на луѓето. Станува збор за заштита на приватноста и основните права на граѓаните. А тоа е буквално она за што политичарите се избираат и добиваат мандат да носат одлуки.
Во крајна линија, без оглед од која позиција се истапува, доминираат мислења дека станува збор за мошне комплицирано прашање. Во меѓувреме јакнат отпорите кои повикуваат на опасност од ширење на орвеловска атмосфера на масовно следење, онака како што би можела да се извлече заедничка порака од бројните дебатни написи со критички тон: „Кажете не на надзорот на ЕУ врз нашите животи.“