Ордените на МПЦ како латентен поткуп на активни функционери
Како првиот полицаец, со веќе прифатен и ставен в џеб орден за заслуги, ќе излезе еден ден пред игуменот Партениј, ако треба да го гони како сторител на кривично дело? Еве, почнувајќи од најпростиот пример, доколку, евентуално, треба да го гони за организирање масовни собири за време на пандемија, па натака.
МПЦ периодов влезе во фаза на инфлација од ордени, титули, јубилеи. Одликувањето на министерот Оливер Спасовски од страна на бигорскиот игумен, за жал, не му донесе некој особен бериќет, но нејсе, искрено му пожелувам лесно и брзо закрепнување. Во оваа прилика сакам да се осврнам на еден суштински аспект кој ги засега буквално сите граѓани, а тоа е општествено – правниот аспект на спомнатото одликување на министерот Спасовски, бидејќи токму тоа одликување виси на работ на морално-правната издржаност.
Да беше доблестен министерот за внатрешни работи и со европски манири, да беше автентичен социјалдемократ, а не антисекуларно настроен теократ, што се гледа од неговиот однос кон МПЦ, културно ќе му го вратеше орденот на игуменот Партениј. Заради кои причини?
Прво, затоа што таквите ордени се најчесто незаслужени. Колку ли само работници безрезервно се вложиле годиниве во изградба и промоција на манастирот, а веројатно не добиле ниту благодарница. Ако беше европски социјалдемократ, министерот требаше орденот барем да им го посвети на работниците. И какви се тие „посебни заслуги“ за кои зборуваа медиумите (барем да беа наведени сите до една транспарентно), или како што напишале „пожртвувано предавање на труд за обнова на манастирот“ кои можел да ги стори Спасовски како министер за внатрешни работи, а да не ја злоупотреби својата функција? Притоа, знаејќи дека, меѓу другото, главната активност на министерството со кое раководи е непосредно гонење на сторителите на кривични дела.
И второ, иако се работи за протоколарен, салонски подарок, сепак, станува збор за највисоко одликување, кое го доделува извесниот правен субјект кон личност – носител на една специфична јавна функција каква што е онаа на Спасовски. Оттука, давањето било каква награда или подарок неизбежно личи на пристрасен чин, и згора на сѐ, чин со латентна намера, несоодветен спрема чувствителноста на високата и активна функција, која ја извршува Спасовски во општеството.
Но, Спасовски, заслепен од фактот дека е уважен од некого, глатко загриза на фрлената јадица и бидна „купен“, т.е. „фатен“ во мрежата на игуменот Партениј. Тој не е ниту прв, ниту последен. Еден е од стотиците „уловени“ во Бигорски. Секој на свој начин. За обичните верници некогаш е доволно едно кафе, локум и убав збор, за да ги понесе манастирската амбалажа. За другите, пак, оние на високи функции, треба повеќе. Покрај убавиот разговор, треба и по некое парче светлуцав метал и лист хартија на која е потпишана почитта.
Затоа повторувам, да беше доблестен министерот Спасовски и да имаше, не капиталистички, туку личен социјалдемократски интегритет со кој ќе се држеше до законското начело на професионалната етика, преку која во службата не би смеел да се раководи од лични, верски или други интереси, дипломатски ќе се заблагодареше и ќе му го вратеше орденот на игуменот Партениј, порачувајќи му дека секое такво одликување, сѐ додека е тој активен вршител на висока и специфична државна функција, може да биде протолкувано како коруптивно дело на давање пасивен поткуп.
Законот, пак, за спречување на корупцијата вели дека, примањето подароци, може да влијае врз објективното и непристрасно вршење на функциите.
Сега се поставува клучното прашање. Како првиот полицаец, со веќе прифатен и ставен в џеб орден за заслуги, ќе излезе еден ден пред игуменот Партениј, ако треба да го гони како сторител на кривично дело? Еве, почнувајќи од најпростиот пример, доколку, евентуално, треба да го гони за организирање масовни собири за време на пандемија, па натака.