ЈОРДАН ДИМИТРОВСКИ ИЗБРАН ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МАСИТ Нов мандат, нова енергија и јасна визија за ИКТ секторот
Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ – Скопје, на 08.05.2025 година, во хотелот „Александар палас“, го одржа своето 19-то редовно годишно изборно Собрание, на кое беше избрано новото раководство на Комората со мандат 2025 – 2028 година.
За членови на Управен одбор на МАСИТ беа избрани: Јордан Димитровски од „Аитоникс“ за претседател на Управниот одбор, Благој Христов од Македонски Телеком, Драган Чепујноски од А1 Македонија, Дамјан Манчевски од МАК-Систем, Софче Јовановска од Скеил фокус, Весна Иваноска од Киншифт Академи, Костандина Пареска Медарски од Валтек, Филип Петровски од Дата мастерс, Зоран Лазаревски од Ултра.
За членови на Надзорен одбор на МАСИТ, избрани се: Горан Митев од Едусофт, Миле Стоиловски од Брансис, Маријана Андриќ од Маранд.
За членови на Судот на честа на МАСИТ избрани се: Дашмир Истрефи од Хојотек, Сашо Јовановски од Даталаб и Јана Дамевска од Инфиго.
На конститутивната седница на Управниот одбор на МАСИТ, која се одржа на 15 мај 2025 година, Јордан Димитровски, експерт за развој на бизнис, сопственик и извршен директор на компанијата „Аитоникс“ беше избран за претседател на Управниот одбор на МАСИТ за мандатниот период 2025–2028. Компанијата „Аитоникс“ е високо етаблирана и добро позната во ИКТ индустријата, а оваа година одбележува 25 години успешно работење во Македонија.
Членките веруваат дека изборот на Димитровски носи нова енергија, фокус на конкретни резултати и посветеност на јакнењето на улогата на ИКТ секторот во националниот развој.
Во согласност со последните статутарни измени на МАСИТ, функцијата претседател на Управниот одбор вклучува и улога на официјален претставник на Комората пред институциите, партнерите и јавноста, што ја позиционира оваа функција како клучна во понатамошното водење и застапување на МАСИТ.
– Очекуваме период исполнет со засилена соработка меѓу членовите, проактивна улога на Комората во креирање на политики и конкретни чекори во насока на дигитална трансформација и интернационализација на македонските ИКТ компании. На новиот претседател му честитаме и му посакуваме успешен, динамичен и инспиративен мандат – наведуваат од МАСИТ.