ОРЦЕ ВЕТУВА ПРОМЕНИ ОД ПРВИОТ ДЕН Ѓорѓиевски му порача на Мециновиќ да го загрее столчето и да заврши факултет

По изборната победа, новиот градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски се заблагодари на Мицкоски и најави дека веднаш ќе започне со решавање на клучните проблеми во градот.

5,213

Новoизбраниот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вечерва се обрати пред своите поддржувачи, по изборната победа, најавувајќи итни активности веднаш по примопредавањето на функцијата.

– Веднаш по земањето на уверението, ветувам дека ќе се борам да ги поправиме состојбите. Дозволете ми да се заблагодарам на мојата најсилна поддршка – претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Се собираа, се групираа, правеа јавни и тајни коалиции, но Скопје покажа дека е вистински обединет град и денеска ги поразивме сите. Бидејќи имаше и ниски удари, и удари под појас, сакам да се заблагодарам на моето семејство – рече Ѓорѓиевски во своето обраќање.






Тој додаде дека неговата цел е градот да стане пример за добро управување и да се слуша секој глас на граѓаните.

– Ние сме тука за сите скопјани, без разлика на политичката припадност. Сега е време за работа, ред и реални решенија – истакна новиот градоначалник.

Ѓорѓиевски, му упати порака на својот противкандидат Амар Мециновиќ од Левица, по завршувањето на вториот круг од локалните избори.

– Амар е поразен, жестоко поразен. Му порачувам да го загрее столчето и да го заврши факултетот. Човек кој ја лажеше целата македонска јавност дека е дете на стечајци и дека има завршено факултет, можете да замислите што би направил ако му се дадеше поголема власт – изјави Ѓорѓиевски веднаш по објавувањето на првичните резултати кои ја потврдија неговата победа.

Со оваа изјава, Ѓорѓиевски реагираше на резултатите од изборите, во кои кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ ја обезбеди функцијата градоначалник на главниот град, додека младиот Мециновиќ, кој настапи како кандидат на Левица, освои значителен број гласови, но недоволни за победа.

По него, збор зеде и премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој му честиташе на Ѓорѓиевски и на сите победници од коалицијата.

– Им честитам на сите градоначалници и им порачувам дека ги чека многу работа. Нема да биде лесно, но со поддршка од Владата ќе направиме многу за овој народ. Народот е тој што ни ја даде оваа доверба и нему му должиме сè – и во животот и во политиката – рече Мицкоски.

Со оваа победа, ВМРО-ДПМНЕ ја зацврсти својата позиција во Град Скопје и најави сериозни промени за подобрување на условите за живот на граѓаните.

Поврзани содржини