Орбан со декрет ги ограничи странските инвеститори: Купување на компанија само со дозвола на Владата
Регулативата ќе биде во сила до крајот на 2020 година и ќе опфати трансакции вредни повеќе од еден милион евра.
Странските инвеститори во Унгарија од оваа година ќе треба да аплицираат за дозвола, доколку сакаат да купат повеќе од 10 проценти од локална компанија, одлучи унгарската влада.
Регулативата ќе биде во сила до крајот на 2020 година и ќе опфати трансакции вредни повеќе од еден милион евра во секторите како здравство, туризам, енергија, прехранбена индустрија, управување со отпад, градежништво, финансии, одбрана, комуникации и информатичка технологија.
Тамас Шанда, заменик министер во Министерството за иновации и технологија, рече дека со новите правила ќе бидат заштитени унгарските компании од странци кои сакаат да ја искористат новата криза со коронавирусот за да се здобијат со удел на пазарот, пренесе „Reuters“.
– Не станува збор само за економијата, туку и за државниот суверенитет. Ако им дозволиме на странците да ги преземат унгарските компании, брзото стекнување на профит лесно може да ги засени интересите на унгарската економија и нација – вели Шанда.
Странските инвеститори ќе треба да достават документација за предложените трансакции до министерот за иновации и технологија, кој потоа ќе има 45 дена да го одобри или одбие барањето. Министерството за финансии очекува дека унгарската економија ќе се намали за повеќе од три проценти во оваа година и предвидува раст од 4,8 проценти за следната година.
Со усвојувањето на законската регулатива за вонредни состојби во март, парламентот му даде на Орбан посебни овластувања да управува со земјата со одредби на неодредено време сè додека владата не ја укине вонредната состојба. Ова наиде на многу критики во Европската унија и во унгарската опозиција, бидејќи вонредните овластувања на премиерот не се ограничени на време. Владата се очекува да ја укине вонредната состојба на 20 јуни.
Надзорот врз странските инвеститори ќе биде една од најновите мерки што владата ќе ги воведе со декрет.
Дури и кога ја презеде функцијата во 2010 година, премиерот Виктор Орбан си постави цел да ја задржи контролата врз економијата на земјата како една од главните цели на неговата политика.