Очигледно загрижениот и особено надобуден „прогресивен“ дел од македонската јавност громовито нѐ просветли за „историскиот“ говор на американскиот амбасадор во Будимпешта Дејвид Пресман, но со недвосмислена назнака – или закана?! – дека истиот е „многу важен за целиот поширок регион“, а особено за нас утре односно за некои „(…) херои-одметници, кои не сакаат да ги почитуваат правилата на безбедносниот блок чии членки се (…).“ И сега, вие можете да се мислите кои се тие „херои-одметници“ и (потенцијални утрешни) непочитувачи на правила, но мислам дека веќе „од прва“ ќе ви текне. Но тоа не е поентата, иако не е ниту за занемарување.
Нејсе, не завлегувајќи во нашето веќе ирационално воодушевување од секој американски збор, па дури и од вакви, во основа непристојни и недипломатски обраќања – како впрочем и онаа бесмислена „порака“ од продавачот на половни возила О’Брајан – нејасно е зошто нам толку ни значат американските зборови упатени кон други, па дури бајковито ги ставаме и во некаков можен иден локален контекст. Но, од друга страна, со сите сили ги одбегнуваме оние „пораки“ изречени сега и овде за овој политички миг во Македонија, а што директно се однесуваат на локалните „ситуации“. И тоа „пораки“ изречени токму од највисок дипломатски претставник на САД во земјава. На пример говорот на г-ѓата Агелер на јубилејната прослава на Уставниот суд! За којшто сите молчат, ама за нас бил важен говорот – во Будимпешта!?
Елем, кога г-ѓата Агелер вели: „Притисоците врз судската власт во Северна Македонија е нешто што мора да престане, судиите мора да бидат слободни за да можат да го практикуваат правото. Граѓаните на оваа земја имаат потреба од тоа и сѐ повеќе го бараат тоа“, на кого мисли? На оние „херои-одметници“ од опозицијата или на некоја утрешна власт, или пак на бандитиве кои се веќе осум години на власт? Или не ни се слуша кога криминалциве ги обвинуваат за притисоци врз судството, кога им влепуваат сочни шлаканици дека се корумпирани до највисоките врвови на власта? Амбасадорот Пресман не спомнал такво нешто во говорот во Будимпешта, ама амбасадорката Агелер во Скопје го потенцираше токму тоа. Но „прогресивциве“ мислат дека тоа не е важно?
А и не им е важно, дури и се подбиваат со фактот што 230 милиони евра од оваа сиромаштија ќе отидат на купување хеликоптери, и тоа баш од „Леонардо“! И тоа го споредуваат со успешниот „неиздржлив притисок“ Унгарија да купи четири авиони ловци „Грипен“ од Шведска! Е тоа бил – „светот на големите“!? Фактот што тој „свет“ на нормален човек ќе му се види малоумен, гангстерски, силеџиски… не е важен, важно е да ги разберете пораките од – „големите“!
Но, ајде да не биде дека овде намерно не сакам да ги разберам пораките на амбасадорот Пресман, еве еден интересен експеримент: направете одредени измени во делови од неговиот говор во Будимпешта, на пример каде што стои Унгарија ставете Македонија, и проценете дали добивате детален опис и на локалниве случувања, сега и овде, речиси идентични како оние во Унгарија. Ама Унгарија е за потсмев, но ние – не?!
За да не се мачите, еве неколку примери. Амбасадорот Пресман вели: „Некои велат дека треба да внимаваме што прави Унгарија (Македонија, м.з.), а не што вели. Но, гледате, сега токму тоа е проблемот: јас не зборувам само за она што го кажува владата, туку за она што го прави, за нејзините постапки. Систематското преземање на независни медиуми (…) од владата, додека неколкуте медиуми кои останаа независни се соочуваат со истраги, даночни контроли и губење на приходите од реклами – тоа не се зборови, туку дела.“ Зарем ова нема врска со нас денес (а не утре!) или нашиве надобудни така бргу и лесно сакаат да го заборават катастрофалниот Закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги? И во што е тогаш Унгарија полоша од оваа денешна (а не утрешна) Македонија?
Или, кога сме веќе кај законите, зарем сите „демократски дебати“ кај нас денес не се еднакви на оние во Унгарија коишто се ништо друго туку само „напори на една партија да го монополизира јавниот дискурс“ (како што вели амбасадорот)? И зарем во Македонија денес е нешто поразлично од Унгарија кога амбасадорот Пресман говори за јавна бламажа од страна на власта на „независните медиуми“, на невладините организации коишто „добиваат етикета како политички пристрасни“? Да ги потсетам што говореше оној екс-премиер за одделни македонски телевизии што не му беа по ќеф? И кога Пресман говори за Унгарија дека „се чини дека оваа влада има мал интерес за конструктивен дијалог за решавање на овие проблеми“, зарем не е и сегашна Македонија првото што ви паѓа на ум?
Понатаму, кога амбасадорот говори дека „сојузниците на Унгарија ја предупредуваат Унгарија за опасностите од нејзините блиски и проширени односи со Русија“, не може ли да се повлече паралела за коруптивните врски на оваа македонска власт со одредени фирми од Белорусија? Или некој ќе рече дека тоа не е исто? Ма немој, а во што се разликува? И ако амбасадорот Пресман укажува дека „овие легитимни безбедносни грижи – кои ги споделуваат триесет и еден сојузник на Унгарија – не можат да се игнорираат“, зошто нашиве, но и САД, мислат дека треба да се игнорираат сличните сегашни врски на Македонија со руските сојузници?
Поточно, ако амбасадорот Пресман навистина во ова обраќање ја имал на ум и Македонија, тогаш тој не опишувал некоја идна, утрешна Македонија со оние „херои-одметници“ туку токму оваа и ваква „прогресивна“ Македонија, со оваа и ваква криминална, коруптивна, автократска односно недемократска, опресивна и лажлива власт! Кому тогаш, и зошто, му треба да подметнува некакви идни, утрешни приказни наместо овие сегашниве, денешниве?
Оттука, „точките на тензија“ помеѓу македонската реалност и политикантска пракса што нè раздвојува од европските стандарди и квалитет на живот (и) кај нас се „предолго оставени нерешени“, и тоа токму заради одредени „чудни“ политики на оваа македонска власт, но и на стратешките партнери САД и ЕУ. Ако, имено, едни критериуми важат за Унгарија, зошто истите не се применуваат и во – Македонија? Денес и овде?! Ако се бара некои и некакви правила, особено оние во поглед на владеењето на правото и демократијата, на независното судство, на борбата против криминалот и корупцијата…, да важат во земјите членки на ЕУ, зарем ние како потенцијална членка односно со (наводно) започнати преговори за членство, сме ослободени од тоа? Или ние, преку ваквите произволни толкувања сакаме да се самоослободиме од правилата што важат за сите, да ги игнорираме дури и отворените повици за проактивно разрешување на состојбите?
Ако камчето во чевлите на ЕУ и САД се вика Орбан, што ли е Македонија? Кубик дрва во нивните очи? Или ние сепак имаме „специјален статус“, нешто како лабораториско глувче, трло за етноексперименти, криминогена „царинска“ зона, виа игнација за корупција, средно училиште за приглупи политичари и нивните ментори…? И зошто, како што посочува колумнистот Михајловски, ако сме им толку важни, оној господин Ескобар наместо да кружи околу нас како „киша око Крагујевца“, не дојде да си ги види пулените и овде, па и оние „силни“ претседателски кандидати за кои не знаеш „во која држава тие се кандидираат за претседател“?
Па, по ѓаволите, Орбан за нашиве е мало дете. Причекајте Македонија да стане полноправна членка па ќе видите!
П.С.
Ете, и на Мерко единствен грев му бил што незаконски поставил в.д. директор на училиште!
Извор: Теодосиевски уметност