ЃОРЃИЕВСКИ УБЕДЕН ВО ПОБЕДА ВО ВТОРИОТ КРУГ Скопје ќе биде чисто за 72 часа, спречена е изградба на 99 згради во Расадник

Ѓорѓиевски посочи дека Левица е во коалиција со ДУИ, посочувајќи на фотографии на кои се гледа како заедно се фотографирани членови од двете партии во Тетово и во Собранието.

412

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Орце Ѓорѓиевски, вечерва на телевизијата Канал 5 порача дека очекува убедлива победа во вториот круг од локалните избори што ќе се одржат во недела, на 2 ноември.

– Не победив во првиот круг поради малата излезност, но верувам дека овојпат граѓаните ќе излезат во многу поголем број и ќе ја потврдат нашата заедничка победа – изјави Ѓорѓиевски.






Тој додаде дека досега немало толку голема разлика во поддршката меѓу двајца кандидати за градоначалник на Скопје, како што е моменталната од 60.000 гласови меѓу него и неговиот противкандидат од Левица, Амар Мециновиќ.

Во дебатата „На дуел кај Иван“, Ѓорѓиевски го обвини противкандидатот дека лажно се претставувал пред јавноста.

– Вие цело време тврдевте дека сте политиколог и пример за младите, а вечерва признавте дека немате завршено високо образование. Тоа е првата работа. Втората е дека се нарекувате дете на транзицијата, а двајцата ваши родители се вработени во државни институции цел живот – изјави Ѓорѓиевски.

Во делот на програмата за чисто и уредно Скопје, тој ја повтори својата позната изјава дека градот може да биде исчистен за само 72 часа.

– Стојам зад тоа што сум го ветил. Имаме 117 камиони, од кои само 17 се исправни. Имаме план, визија и поддршка од општествено одговорни компании и граѓаните. Скопје ќе биде чисто – не само во центарот, туку на секоја микролокација – потенцираше Ѓорѓиевски.

Кандидатот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека под негово водство локалната самоуправа го спречила носењето на ДУП кој предвидувал изградба на дури 99 згради во Расадник.

– Нема да дозволиме нова урбанизација и бетонизација на сметка на граѓаните. Расадник ќе остане зелена зона, а не бетонска џунгла – рече Ѓорѓиевски.

Тој тврдеше дека уште од првиот круг било очигледно дека Левица има поддршка од ДУИ.

– Имаме фотографии и докази. Кандидатот на Левица и кандидатот на ДУИ од Тетово беа заедно по изборите, а има и снимки од нивни средби во Собранието. Тоа јасно покажува во која насока се движи нивната соработка – изјави Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски најави зголемување на капацитетите на „Лајка“ и создавање безбедни зони околу училиштата и градинките.

– Нема да градиме нови стационари, туку ќе ги прошириме постоечките во рамки на Вардариште и мега паркот што ќе го изградиме таму. Ќе има повеќе осветлување, столпчиња за пешачење и катни гаражи на неколку локации – во центарот, Карпош, Чаир и Кисела Вода – додаде тој.

Поврзани содржини